Професорот на Медицинскиот факултет во Скопје и поранешен директор на Институтот за микробиологија и паразитологија д-р Никола Пановски вели дека во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. Тој на Фејсбук упати критики до епидемиолошките служби поради непостапување во ситуација со голем број заболени.
„Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. 1 500 регистрирани со исти симптоми и најмалку уште 5 000 кои не се јавиле на лекар. Во еден град заболеле 30% од населението од иста болест и нема услови за прогласување на епидемија!!!. Епа браво. Епидемиолози каде сте, ова не е политика, ова е ваша должност да реагирате“ пишува д-р Пановски на својот профил на Фејсбук.
Надлежните институции денеска продолжија со истрагата за причините за масовните стомачни тегоби во Гостивар. Од Институтот за јавно здравје попладнево информираа дека по добивање на барање од страна на Јавното обвинителство, веднаш е излезено на терен на посочените локации во Гостивар и земени се примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи.
Сè чекаат конечните лабораториски анализи кои треба да покажат дали причината е поврзана со водата за пиење.
