Македонскиот здравствен систем е во добра кондиција и е подготвен за предизвиците, дури и во ситуација ако нагло се зголеми бројот на пациенти заболени со коронавирус, рече министерот за здравство Венко Филипче.
На новинарско прашање дали земјава има потреба од помош на странски лекари, како што тоа е случај во Србија, Филипче рече дека домашните здравствени експерти секојдневно прибираат искуства од земјите во светот, со цел полесно справување со вирусот кај нас.
„Мини работна група од експерти се консултираат со странски научни публикации, гледаат кои се начините, опциите, што и како може да се имплементира кај нашите пациенти. Но, и секојдневните контакти што ги имаме со наши лекари Македонци во Италија, оттаму навистина многу може да се научи и во однос на мерките, терапевтскиот пристап и за некои дилеми што се отвораат за време на лекувањето. Особено кај пациентите со тешка клиничка слика и дали е потребна механичка вентилација и во кој момент треба таа да се аплицира. Во таа смисла, сметам дека нашиот здравствен систем, на овој начин, целосно мобилизиран со резервата на доктори, е во добра кондиција. Подготвени сме за предизвиците, дури и во сценарио во форма на експоненцијален раст на бројот на случаи“,
рече Филипче.
Тој вели дека е нормална ситуацијата во која граѓаните се исплашени, особено кога се наоѓаме во состојба со строги мерки на изолација, но светлата страна е дека во светски рамките бројот на излекувани пациенти е огромен.
„Тоа е една одлична работа. Втората одлична работа е што огромен број од пациентите имаат лесна клиничка слика. Дури и кај нас, на домашно лекување се и нема потреба од хоспитализација, а одреден процент од пациентите што се на Инфективната клиника имаат лесна клиничка слика. Пристапот е ист, докторите и целокупниот медицински персонал се посветени. Сега е дадена целата терапија од која има добри искуства во многу земји во светот. Навистина, во светски рамки е мал процентот на пациенти на кои им е потребна респираторна поддршка“,
додаде министерот.
Во однос на препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и пристапот кон спречување на ширењето на коронавирусот, единствената работа која е заедничка работа на сите земјите е социјалното дистанцирање.
„Сите мерки што ги донесовме практично се насочени во таа насока. Може да се зборува и се зборува за различниот пристап кон тестирањето и спроведувањето на мерките, затоа ние објавивме дека станавме дел од студијата „Солидарити“ на СЗО. Затоа, постојано апелираме до граѓаните дека само дистанцата е нешто што со сигурност го спречува патот на ширењето на коронавирусот“,
појасни Филипче.
Тој информира дека заклучно со вчерашниот ден направени се вкупно 1 800 теста за коронавирусот ковид-19 во земјава.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
Вработен на Кардиологија позитивен на коронавирус – ќе се испитува дали знаел дека е болен