Според министерот за здравство, во овој момент е добро што има линеарен раст на бројот на заразени
Мобилна болница со близу 130 легла ќе биде поставена во почетокот на следната седмица до Клиниката за инфективни болести во кругот на Клиничкиот центар во Скопје, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Со овие објекти, опремени со соодветни тоалети и суви ходници, како што објасни министерот, практично ќе се удвојат капацитетите на Клиниката за инфективни болести.
„Сметаме дека е добро да се надополнат капацитетите таму каде што е експертизата. Развојот на ситуацијата со ширењето на коронавирусот не е нешто што може да се предвиди со голема прецизност. Сепак, во овој момент е добро што имаме линеарно зголемување на бројот на случаите, односно приближно ист број секој ден. Но ние сме спремни да постапиме и во случај на експоненцијален раст. Здравствените работници се целосно мобилизирани и подготвени. Имаме и излекувани пациенти. Ние сме целосно во ситуација да се амортизира приемот на пациенти, терапијата е веќе аплицирана таму каде што е индицирана и колегите сосема добро и стручно се справуваат со ситуацијата“,
изјави Филипче.