Министерот за здравство истакна дека нема простор за сомнеж за манипулација со бројките бидејќи тие се споделуваат и со СЗО
Во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи на коронавирус во земјава, со што вкупната бројка на заразени изнесува 219.
Од новите регистрирани случаи, 11 се од Скопје, четири од Прилеп, двајца од Куманово и еден од Тетово.
Според местото на живеење, досега случаи на ковид-19 се регистрирани во десет града, и тоа најмногу во Скопје (134), Дебар (43), Куманово (17), Штип (8), Прилеп (6), во Охрид и Велес по три, по два случаи во Кавадарци и Тетово и еден во Гостивар.
Досега од вкупните 219 случаи, три лица оздравеа и исто толку починаа.
На Инфективната клиника се наоѓаат 41 пациент, од кои седум се во потешка здравствена состојба, но тие не се на респиратор, 27 се во среднотешка состојба и 7 се со благи симптоми, додека стабилна е состојбата на пациентите во Штип.
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната редовна прес-конференција ја увери јавноста дека не треба да се има ниту најмал сомнеж во точната бројка што се објавува бидејќи, како што рече, тие се точни и прецизни и не смее да биде поинаку бидејќи овие податоци земјава ги споделува со СЗО и затоа нема простор за манипулација.