Вработен на Клиниката за кардиологија е заразен со коронавирус, дознава „360 степени“ од извор во медицинските власти. Станува збор за рендген-техничар, кој, иако требало да биде во самоизолација, се појавил на работа на Клиниката, со видливи симптоми.
Рендген-техничарот е тестиран и е утврдено дека е позитивен на коронавирус.
Тоа го вклучило алармот на Клиниката за да се тестира целиот медицински тим од доктори и сестри што бил во контакт со него. Се чекаат резултатите, но тие во оваа фаза може да бидат лажно негативни, така што првиот ред контакти со заразениот најверојатно ќе треба да останат во двонеделна изолација.
Салата и просториите во кои работел инфицираниот техничар се дезинфицирани.
Изворот на „360 степени“ вели дека добра околност во целата ситуација е што работата на Клиниката била организирана на начин што две групи доктори и сестри работеле во различни смени и немале контакт едни со други. Вториот тим, вели изворот на „360 степени“, продолжува да ги извршува работните обврски.
Повеќе детали за случајот се очекуваат во текот на денот.