„Со оглед на тоа дека вкупниот број на запишани гласачи во овие избирачки места, односно 872 гласачи нема влијание врз вкупните резултати, гласањето во овие три избирачки места нема да се повтори“, соопшти претседателот на ДИК на денешната седница
На седницата Даштевски ги соопшти и роковите што им стојат на располагање на подносителите на листите за кандидат за претседател за поднесување на приговори. Тие можат да поднесат приговори за постапката за гласање во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето и за постапката за сумирање и утврдување на резултатите, исто така, во рок од 48 часа, но по објавувањето на првичните резултати
Доцна попландево во во рамките на продолжението на 98. Седница, Државната изборна комисија (ДИК) ги соопшти првичните официјални резултати од првиот круг на претседателските избори одржани вчера.
Според она што го соопшти претседателот на ДИК, Александар Даштевски нема отстапување од резултатите што претходно денеска ги објави Комисијата на својата официјална веб-страница. Апсолутен победник во првиот круг од изборите за шеф на државата е кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова која има 182 000 гласови повеќе од нејзиниот противкандидат поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, со кого повторно ќе ги одмерат силите во вториот круг, закажан за 8 мај.
Како што информираше Даштевски првичните официјални резулати од изборите за претседател на Републиката се сумирани врз основа на оригиналните записници за сумирање и утврдување на резултатите од Општинските изборни комисии.
Даштевски ги соопшти резултатите во апсолутни бројки и во проценти на освоени гласови на секој од седумте кандидати, според нивниот број на гласачкото ливче.
Така, актуелниот претседател и кандидат за втор мандат на функцијата поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски според првичните официјални резултати освоил 180 500 гласови или во проценти 19,92 отсто. Неговата противкандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова има 363 086 гласови или 40,08 отсто. Лидерот и кандидат на ГРОМ, Стевчо Јакимовски на вчерашните избори освоил 8 121 глас или 0,9 отсто. Бујар Османи кој беше кандидат на ДУИ и коалцијата „Европски фронт, освоил 121 088 гласови или 13,37 отсто.
Првичните официјални резултати на ДИК утврдиле дека кандидатката поддржана од Левица, Билјана Ванковска-Цветковска освоила 41 331 глас или 4,56 отсто, кандидатот на коалцијата на опозициските партии на Албанците „Влен“, Арбен Таравари, освоил 83 393 гласови или 9,2 отсто и за лидерот и кандидат на „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски гласале 83 856 граѓани или 9,26 отсто.
На седницата Даштевски ги соопшти и роковите што им стојат на располагање на подносителите на листите за кандидат за претседател за поднесување на приговори. Тие можат поднесат приговори за постапката за гласање во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето и за постапката за сумирање и утврдување на резултатите, исто така, во рок од 48 часа, но по објавувањето на првичните резултати.
„Приговорите за постапката за гласање може да се поднесуваат најдоцна до утре до 19 часот, додека рокот за поднесување на приговори за постапката за сумирање и утврдување на резулатите истекува утре на полноќ. Државната изборна комисија е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорот да донесе одлука. Против одлуката на ДИК подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на тужбата“,
рече претседателот на ДИК.
Државната изборна комисија, како што посочи тој, конечните резултати од изборите ќе ги соопшти веднаш, а најдоцна во рок од 24 по завршувањето на целата постапка по приговорите.
Инаку, како што, исто така беше соопштено на седницата, на вчерашните избори гласале половина од вкупниот број избирачи запишани во единствениот Избирачки список, кој изнесува 1 814 317.
„Вкупниот број на избирачи кои гласале е 905 971, процент на избирачи кои гласале 49,93 отсто. Вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња е 908 384. Вкупен број на важечки гласачки ливчиња 881 376. Вкупен број на неважечки гласачки ливчиња 24 562, процент не неважечки гласачки ливчиња од изборите од изборачите кои гласале е 2,71 отсто“,
рече Даштевски.
Во врска со трите избирачки места во Куманово на кои вчера имаше прекин на гласањето кој траеше повеќе од три часа, Даштевски рече дека ДИК донела решение за поништување на гласањето на овие избирачки, но тоа нема да биде повторено.
„Со оглед на тоа дека вкупниот број на запишани гласачи во овие избирачки места, односно 872 гласачи нема влијание врз вкупните резултати, гласањето во овие три избирачки места нема да се повтори“,
рече Даштевски.