По речиси четири години судење, судијата Душан Јосифов денеска ја соопшти пресудата за првиот предмет за кој СЈО поднесе обвинение. Ова е втора пресуда за Груевски, а прва за Јанакиески
Никола Груевски е осуден на 1 година и 6 месеци затвор, додека Миле Јанакиески, Александар Трајковски, Дарко Стојлевски, Трајче Петковски, Игор Бошковски и Даниел Трифуновски добија условни казни.

За Јанакиески судот одреди алтернативна условна казна од 1 година затвор, која нема да се изврши ако во рок од 4 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Александар Трајковски, Дарко Стојчевски и Трајче Петковски добија по девет месеци условна казна затвор, која нема да се изврши ако во рок од 3 години од правосилноста не сторат ново кривично дело.
Игор Бошковски и Даниел Трифуновски се осудени на условна казна од 6 месеци, која нема да се изврши ако во рок од две години не сторат ново кривично дело.
Ова е првостепената пресуда за случајот „Насилство во Центар“, која судијата Душан Јосифов денеска ја соопшти во Основниот кривичен суд во Скопје.
На сите им се ставаше на товар кривичното дело насилство. Груевски и Јанакиески во предметот се гонеа како поттикнувачи на насилните протести пред просториите на Општина Центар во јуни 2013 година, а другите беа дел од обвинението како директни учесници на протестите.
На првостепената пресуда странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје. Пресудата ќе стане правосилна кога за неа ќе се произнесе и Апелација.
Втора пресуда за Груевски, прва за Јанакиески

Ова е втора пресуда за експремиерот Груевски, кому му се суди во отсуство. Тој со правосилна пресуда е осуден на две години затвор во случајот „Тенк“ за начинот на набавка на блиндираниот „мерцедес“. Против него се водат судења и во случаите: „Титаник“, „Траекторија“, ТНТ, „Талир 1“ и „Талир 2“, а е осомничен и за организацијата на настаните од 27 април 2017 во Собранието (не беше покренато обвинение бидејќи е недостапен за органите на прогонот).

Денешната пресуда, пак, е прва за поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој на обвинителна клупа седи и во предметите: „Титаник“, „Талир“, „Траекторија“, „Топлик“, „ТНТ“ кои ги отвори СЈО, како и во случаите на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, познати во јавноста како „Организаторите на 27 април“ и „Шпански скали“.
„Насилство во Центар“ – прво обвинение на СЈО

Овој случај е еден од првите два за кои своевремено СЈО покрена обвинение. Заедно со обвинението за случајот „Тврдина“ (потоа беше споен во еден предмет со случајот „Таргет“), кој се однесува на уништување на документација во поранешната УБК, СЈО на 15 септември 2016 година во Кривичниот суд во Скопје, по скратена постапка, поднесе обвинение и за насилните протести пред Општина Центар. Од септември лани, овој како и сите други предмети на СЈО, преминаа во рацете на редовните обвинителства.
Во случајот првично беа обвинети 14 лица. Но, на почетокот на судењето имаше две признанија на вина (од еден советник во Општина Центар во 2013 година и од еден учесник во протестите) за кои судот изрече условни казни. Понатаму, за двајца обвинети се раздвои постапката, за еден се донесе пресуда, додека за другиот мерка на безбедност (задолжително психијатриско лекување). Бројот на лица за кои денеска се донесе пресуда падна на седум откако минатата недела пред давањето завршни зборови обвинителката Фатиме Фетаи соопшти дека го повлекува обвинението против Даниела Рангелова, која во 2013 година беше советничка во Советот на Општина Центар, како и против двајца други обвинети – учесници на протестите.
Денешната пресуда доаѓа по речиси четири години судење. Имено, првото судско рочиште за „Насилство во Центар“ беше закажано за 16 декември 2016. Понатаму, рочиштата повеќепати беа одложувани поради отсуство на некој од учесниците во постапката, како и поради седницата на Советот на јавни обвинители за разрешувањето на Катица Јанева, примопредавање на предметите од СЈО во редовните обвинителства, давањето на списите на предметот на увид во Судскиот совет. Седниците и примопредавањето се случуваа во периодот август-септември 2019 година, а во октомври лани судењето почна од почеток поради истекот на 90 дена од последното одржано рочиште.
Што тврдеше Обвинителството, а што одбраната?

Насилните протести во јуни 2013 пред просториите на Општина Центар ги организираше врвот на ВМРО-ДПМНЕ, иако фиктивно било прикажувано дека зад нив стои здружението „Веритас“, тврдеше Обвинителството во текот на овој судски процес. Тогаш општинската власт беше во рацете на СДСМ и коалицијата, а Владата и Град Скопје беа предводени од ВМРО-ДПМНЕ.
Во јавноста, според Обвинителството, било прикажувано дека протестите се за да се спречи уривањето на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност поради бизнис-интереси целта била да се спречи промена на деталните урбанистички планови (ДУП), меѓу кои и тој за „Мал ринг“ во строгиот центар на Скопје.

„Од изведените докази, јасно е дека со поништување на дуповите, вклучително и на ’Мал ринг‘, немало да дојде до рушење на црквата. Сведоците посочија дека поништувањето дупови нема никаков ефект врз започнати градби, а црквата тогаш била во завршна фаза, што значи ќе била впишана во дупот“,
рече обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови.
Во судскиот процес беа презентирани и две „бомби“, во кои разговараат Никола Груевски и Миле Јанакиески, каде што може да се слушне како експремиерот вели да се скрши седница на Советот во Општина Центар, а ја кажува и намерата „загрижен граѓанин“ да му удри шлаканици на тогашниот градоначалник Андреј Жерновски.
„Не само што ја скршија седницата, ги скршија и оградата и бараката. Единствено што не се случило е што не се удриле шамарите од некој ’загрижен граѓанин‘“,
рече Фетаи во завршните зборови минатата недела додавајќи дека не дошло до удирање шлаканици бидејќи не се создале услови да се реализира тој дел од планот.
Според неа, она што се случувало на протестите, како што се гледало дека се реализирал планот, се доказ за автентичноста на снимките.
Одбраната, пак, на тезите и аргументите на Обвинителството се спротивставуваше со тоа дека протестите не ги организирала ВМРО-ДПМНЕ и оти тие навистина биле за да се спречи уривањето на црквата, со оглед на тоа што не било јасно што ќе донесе промената на дуповите.
За да ја докажат оваа теза, тие го бараа и владиката Агатангел да сведочи бидејќи и тој повикувал на протести. Адвокатите ја оспоруваа и автентичноста на „бомбите“ тврдејќи дека снимките не биле оригинал и нема веродостојно вештачење за нив, а бараа да се слушаат и други прислушувани разговори за кои од Обвинителството им кажале дека не влијаат на предметот.
Миле Јанакиески во својот вчерашен завршен збор, покрај тоа, ја анализираше и содржината алудирајќи дека тој во разговорите со Никола Груевски со ниту еден збор не кажува дека го прифаќа наводниот план за насилство и шлаканиците што не се случиле.
Тој обвини и дека нема еднаквост на оружјата бидејќи Обвинителството го сменило обвинението пред самиот крај на судскиот процес, односно минатата недела кога тоа беше повлечено против тројца обвинети и беа направени измени во содржината. Реагираше дека нема ниту еден доказ против него и се пожали дека обвинението се базира само на сведочењето на Томислав Лазаров, советникот кој призна вина и доби условна казна.
Ексминистерот рече дека затворска казна за него нема да донесе правда во државата, туку неправда и алудираше на тоа дека е жртвено јагне и одговара за туѓи постапки.

„Факт е дека откако Груевски не е присутен во Македонија, голем дел од медиумскиот и политичкиот притисок е врз мои плеќи, затоа против мене се водат 8 постапки и секој ден сум на суд… Дали е потребно да се најде жртвено јагне за да се понесе одговорноста за нечии постапки?“,
рече Јанакиески во завршните зборови вчера.