Во неговите завршни зборови во предметот за насилствата во Центар во 2013 година, тој алудираше дека поради бегството на Груевски, сега цената ја плаќа тој
Изменетото обвинение за предметот „Шамарите во Центар“ пред давањето на завршните зборови, според обвинетиот ексминистер Миле Јанакиески го дискриминира бидејќи нема еднаквост на оружјата.
Во него, според неговата одбрана, тој, наместо како член на Извршниот комитет е наведен како близок соработник на бившиот премиер Никола Груевски. И Груевски како и Јанакиески се обвинети како поттикнувачи на насилството за време на протестите во Општина Центар летото 2013.
„Пред само три работни дена беше претставено новото обвинение. Пред кого да докажувам дали сум или не сум бил близок соработник на Никола Груевски или дали сум истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ или не?”,
праша Јанакиески кој попладнево во Основниот кривичен суд во Скопје ги дава завршните зборови.
Тој тврди дека, според податоците од СЈО, има над 80 000 прислушувани разговори од него и во завршните зборови посочи дека во јавност се објавувале селектирани „бомби” во последните пет години, а со тоа се стигматизирал неговиот лик и била создадена перцепција дека е криминалец, насилник, терорист…
„Сето ова влијаеше јас пред време да бидам осуден во јавноста, без да ме знаат”,
рече Јанакиески.
Ако имаше вина кај мене, рече Јанакиески во одбраната, немаше јас и моето семејство да го трпиме притисокот изминатите години туку ќе си признаев и ќе се молев за помала казна.
„Ме судат за шамари кои не се случија, а додека бев во притвор бев брутално клоцан, добив телесни повреди и потрес на мозокот, но за тоа обвинителството не реагираше”,
рече Јанакиески.
Во неговите завршни зборови тој алудираше дека поради бегството на Груевски ,сега цената ја плаќа тој.
„Факт е дека откако Груевски не е присутен во Македонија, голем дел од медиумскиот и политички притисок е врз мои плеќи, затоа против мене се водат 8 постапки и секој ден сум на суд…Дали е потребно да се најде жртвено јагне за да се понесе одговорноста за нечии постапки?”,
рече Јанакиески.
Тој потоа уште еднаш се наврати на тоа дека е доведен во ситуација да одговара за се, споменувајќи го и повлекувањето на обвинението во овој предмет против тогашната советничка во Општина Центар Даниела Рангелова.
„Рангелова е ослободена, Лазаров призна вина, Груевски си замина и што останува? Миле Јанакиески да биде огласен за виновен за некој да може да поентира дека победила правдата”,
рече обвинетиот ексминистер.
Тој тврди дека против него нема ниту еден материјален доказ, па ниту во „бомбите“ кои се слушаа, потенцираше дека не се слуша дека прифаќа некакво насилство кое го бара Груевски.
Неговото име, рече, не се нашло ниту во кривичната пријава која ја поднел тогашниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски.
„Затворска казна за мене базирана на пресуда во предмет каде нема докази, нема да донесе првата во оваа држава. Напротив, ќе донесе само неправда. Јас верувам дека и покрај притсоците преку мене да се прикаже дека има правда, вие ќе останете имун и од вас очекувам чесно праведно да судите”,
му порача Јанакиески на судијата Душан Јосифовски.
По Јанакиевски, зборуваше и Даниела Рангелова за која обвинителката Фатиме Фетаи на минатото рочиште го повлече обвинението.
„Се согласувам со тоа што го констатираше обвинителството и ми е жал што требаше толку голем временски период за и Обвинителството и јавноста да увиди дека немам вина во овој предмет”,
рече Рангелова.
Рочиштето продолжи и доцна попладнево на кое завршни зборови даваат обвинетите, директни учесници во протестите, по што ќе се закаже и рочиште за изрекување на пресудата.