Премиерот додаде дека пораката од Фон дер Лајен јасно ги демантира тврдењата на опозицијата и на нејзиниот лидер Венко Филипче дека Владата не спроведува реформи

Ставот на Владата за уставните измени како услов за почеток на преговорите за членство во Европската Унија е јасен и сите го знаат, а нејзината цел е да најде начин како да го придвижи процесот на евроинтеграција напред. Ова вечерва го изјави премиерот Христијан Мицкоски на гостувањето на телевизијата Алсат коментирајќи ги неодамнешните разговори со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Мицкоски ја обвини опозицијата дека лажела за владините ставови во врска со уставните измени и со евроинтеграцијата.
„Никогаш ние не сме кажале дека тој услов не останува. За жал, претходната влада на СДСМ и ДУИ прифати нешто што е дел од овој процес. Но, она што беше наша цел од самиот почеток на Владата, ако ги оставиме оние будалаштини што ги кажува моменталното раководство на СДСМ и ДУИ дека сме ветувале, па сме излажале, и ако зборуваме за реална политика, тогаш нашата цел беше да најдеме начин како тој процес да го задвижиме, а притоа да успееме да го задржиме достоинството, кое со прифаќање на тој услов, ќе се согласите со мене, апсолутно беше не само уништено, туку буквално закопано, ако се има предвид дека на ова прифаќање му претходеше едно друго понижување, а тоа беше промената на уставното име“,
рече Мицкоски.
Тој го оцени разговорот со Фон дер Лајен како содржаен и пријателски, воден меѓу двајца пријатели.
„Во меѓувреме се појави овој документ којшто го објави Европската комисија за којшто можам да кажам дека охрабрува, но тој документ на крајот на денот треба да биде усвоен од Европскиот совет“,
рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека пораката од Фон дер Лајен јасно ги демантира тврдењата на опозицијата и на нејзиниот лидер Венко Филипче дека Владата не спроведува реформи.
„Пораката од претседателката на Европската комисија беше многу јасна и децидна којашто го демантираше ова кое што го зборува домашната опозиција“,
рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека Фон дер Лајен ја оценила работата на Владата како импресивна, што, според него, претставува исклучително силна позитивна оценка.
„Таа вели – вие правите импресивна работа. Тоа, ќе се согласите, претставува највисоко ниво на суперлатив, и ќе се согласите дека таква реторика немаше на претходните дестинации кои таа ги посети. Ние зборуваме за домашната политичка сцена, сега зборуваме дали оваа влада се плаши да испорачува реформи или не се плаши. Потврдата дојде од највисокото ниво на ЕК, тоа е претседателката, која пред да дојде во Скопје, беше на неколку други места и само тука го искористи тој вординг, односно највисоко ниво на суперлатив, кога рече дека ние правиме импресивна работа во делот на реформите. Што значи демантирани се лагите на опозицијата, ние работиме и реформираме“,
посочи премиерот Мицкоски.
