Во однос на најавената посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и барањето на Владата за вклучување европски претставник во разговорите со Бугарија, Филипче оцени дека Мицкоски нема намера да го продолжи европскиот пат на државата

Политиките на Христијан Мицкоски ја водат земјата во изолација од ЕУ, а последиците ги чувствуваат граѓаните преку падот на животниот стандард, високите цени и заминувањето на младите, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Не му проаѓаат повеќе лагите на премиерот. Изгради ѕид околу земјата“,
рече Филипче денеска одговарајќи на новинарски прашања.
Во однос на најавената посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и барањето на Владата за вклучување европски претставник во разговорите со Бугарија, Филипче оцени дека Мицкоски нема намера да го продолжи европскиот пат на државата.
„Едноставно, човекот нема намера да го продолжи европскиот пат на земјата“,
рече Филипче.
Тој предупреди на последиците од пропуштањето на актуелната можност за напредок кон Европската Унија.
„Ако оваа шанса не се искористи, кој знае дали ќе имаме втора шанса. Нацртан им е патот на четирите земји. Две од нашето соседство, тоа се Албанија и Црна Гора, еве Украина и Молдавија. Што ќе правиме? Има ли план премиерот? Вака ќе бидеме изолирани“,
истакна Филипче.
Тој посочи дека претставувањето на Мицкоски како заштитник на националните интереси е спротивно на последиците од неговите погрешни и антинационални политики. Потсети и на ветувањата за враќање на името и менување на Преспанскиот договор.
„Сите негови лаги паднаа во вода. Ќе го враќаше името, ќе го менуваше Преспанскиот договор. Што излезе? Дека го потврди Преспанскиот договор, дека е добар“,
рече Филипче.
