Градоначалникот на Крива Паланка нагласува дека од централната власт не бара никаква финансиска ниту техничка поддршка, туку единствено правен механизам за да може да ја координира акцијата на терен

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, упати директно барање до Владата да му додели законски овластувања за самостојно да го реши проблемот со пуштениот добиток низ улиците и приватните имоти на граѓаните. Митовски нагласува дека од централната власт не бара никаква финансиска ниту техничка поддршка, туку единствено правен механизам за да може да ја координира акцијата на терен.
„Кога веќе не помагате доволно, дозволете ми јас да го решам проблемот. Не ви барам пари, не ви барам механизација, не барам ниту еден денар дополнителни средства од државниот буџет. Сè што барам од вас е да ми дадете законски мандат, барем правен механизам што ќе ми овозможи да ја преземам организацијата и координацијата на терен и заедно со сите останати надлежни институции конечно да ги релоцираме животните од улиците и имотите на граѓаните“,
вели Митовски во обраќање објавено на својот фејсбук-профил.
Тој ветува брза и ефикасна реализација доколку добие дозвола и најави дека ќе подготви протокол и оперативен план со кои целата акција ќе се спроведе за помалку од десет работни дена.
„Само најдете начин да добијам законски овластувања. Ова понижување на граѓаните и на државата мора да заврши. Јас сум подготвен да ја преземам одговорноста и да го водам решавањето на овој проблем до самиот крај“,
порача градоначалникот на Крива Паланка.
Минатата недела Митовски побара од Владата да прогласи кризна состојба во траење од 30 дена со цел трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупен добиток.
Станува збор збор за проблем со кој Општината се соочува повеќе години, и за кој, како што кажа Митовски, сè уште не е најдено трајно решение од надлежните институции.
Инаку, Агенцијата за храна и ветеринарство изминатиот период имаше неколку акции за одземање на добитокот од одгледувачите – татко и две ќерки, кои се одвиваа во тензична атмосфера бидејќи додека инспекторите на АХВ се обидуваа да ги заловат кравите, нивните сопственици ги оневозможуваа во работата.
Дел од сопствениците на добитокот беа приведувани од МВР и против нив беа поднесени кривични пријави поради спречување на вработени од Агенцијата за храна и ветеринарство во извршувањето службени дејствија. ОЈО Крива Паланка во декември лани поднесе обвинителен предлог против татко и две ќерки, кои се водат како сопственици на добитокот за сторено кривично дело – спречување службени лица во вршење службено дејствие.
