„Се обраќаме до Владата со едно единствено барање – прогласете 30-дневна кризна состојба, мобилизирајте ги сите потребни ресурси и помогнете ѝ на Крива Планка да стави крај на оваа долгогодишна агонија. Времето за толеранција истече. Трпението на граѓаните е на крај. Тие не смеат повеќе да ја плаќаат цената на негрижата, немоќта на органите и да бидат оставени сами. Премногу време е изгубено. Крива Паланка затоа бара решение, сега и веднаш“, изјави градоначалникот Митовски на денешната прес-конференција
Владата да прогласи кризна состојба во траење од 30 дена со цел трајно решававање на проблемот со неконтролираното движење на крупен добиток, побара денеска градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

На прес-конференцијата, на која присуствуваа и граѓани на Крива Паланка кои се соочуваат со непријатности, но и со штети од проблемот со добитокот, кој неконтролирано талка низ градот и селата во рамките на општината, Митовски ги соопшти заклучоците од состанокот на Општинскиот кризенб штаб.
Инаку, станува збор збор за проблем со кој Општина се соочува повеќе години, и за кој, како што кажа Митовски, сè уште не е најдено трајно решение од надлежните институции.
„Доста е! Крива Паланка предолго ја плаќа цената на немоќта на институциите, неодговорноста и постојаното одложување. Врз основа на заклучоците на Општинскиот кризен штаб бараме итно Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на Општина Крива Паланка и да ги обезбеди сите потребни ресурси за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток“,
рече градоначалникот.
Илјада грла добиток талкаат низ општината – ги има и во центарот на градот
Според информациите на Општинскиот кризен штаб, повеќе од илјада грла добиток неконтролирано се движат низ општината, при што предизвикуваат штети на земјоделски насади, оштетуваат приватни имоти и јавни површини, а ја загрозуваат и безбедноста во сообраќајот.
„Добитокот секојдневно веќе се движи и низ самиот центар на градот“,
кажа градоначалникот.
Тој упати критики до институциите, обвинувајќи ги дека додека тие ги обајснуваат своите ограничувања во постапувањето и надлежностите, граѓаните ги бројат загубите и штетите.
Кризниот штаб, рече Митовски, оценил дека надлежните агенции за постапување немаат доволен капацитет за да се справат со овој проблем од ваков обем и карактер и дека се потребни дополнителни стручни, оперативни и финансиски ресурси, специјализирани возила и соодветен простор за сместување на заловените животни.
„Токму затоа бараме прогласување на кризна состојба во траење од 30 дена. Во услови кога самите институции не можат сами да се справат со поблемот, Владата мора да помогне и да ги обезбеди сите потребни ресурси и да организира заеднички координирана интервенција. Немањето капацитет веќе не смее да биде оправдување одлагање на решавање на проблемот“,
рече градоначалникот на Крива Паланка.
Се бара оперативен план
Тој рече дека како Општина бараат јасен оперативен план – со акции по денови, прецизни задолженија и точно утврдена одговорност. Ова, како што кажа градоначалникот, треба да опфати организирано заловување на добитокот, безбеден транспрот и згрижување, како и мерки што еднаш засекогаш ќе го спречат повторувањето на овој проблем.

Митовски обвини и за неажурност на Владата и институциите во третирањето на проблемот и во одговорот на досегашните барања од Општината. Според градоначалникот, од јануари 2022 година до денес од Општината биле доставени стотици пријави и иницијативи до Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Поднесена, рече, е и кривична пријава за мачење животни.
„Собрани се докази за предизвикани материјални штети, за повреди на граѓани и уништување на јавни површини. Уште во 2024 година се донесени правосилни и извршни решенија за трајно одземање на животните од регистрираните одгледувалишта. Но по повеќе од две години тие сè уште не се спроведени до крај. Проблемот и понатаму е дел од секојдневието на Крива Паланка. Добивме само делумни интервениции без целосно и трајно решение“,
рече Митовски.
Здравствени и епидемиолошки ризици
Тој се осврна и на здравствениот аспект што може да произлезе од проблемот, прашувајќи кој ја следи здравствената состојба на добитокот, кој се грижи за тие животни додека и понатаму неконтролирано се движат низ општината, кога последен пат е извршен ветеринарен и здравствен преглед и што покажале самите наоди?
„Дали е направена проценка на здравствените и епидемиолошките ризици и кои марки се преземаат? Мораме ли да чекаме да ескалира и некој нов здравствен проблем за да сфатиме дека оваа состојба повеќе не смее да продолжи. Граѓаните со право прашуваат: „Може ли да постои правна држава, ако самите институции не си ги спроведуваат сопствените одлуки и решенија? Кој тогаш го штити трудот, имотот и безбедноста на граѓаните?“,
кажа градоначалникот.
Тој порача дека ниту партиската припадност ниту нечии приватни интереси не смеат да бидат над законот и над правото на граѓаните да имаат нормален и пристоен живот.
„И затоа се обраќаме до Владата со едно единствено барање – прогласете 30-дневна кризна состојба, мобилизирајте ги сите потребни ресурси и помогнете и на Крива Планка да стави крај на оваа долгогодишна агонија. Времето за толерација истече. Трпението на граѓаните е на крај. Тие не смеат повеќе да ја плаќаат цената на негрижата, немоќта на органите и да бидат оставени сами. Премногу време е изгубено. Крива Паланка затоа бара решение, сега и веднаш“,
порача Митовски.
Комуникацијата со АХВ
Одговарајќи на новианрско прашање тој рече дека од претходното раковдство на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), односно додека со оваа институција раководеше Оливер Миланов, добивале само празни ветувања без целосно спроведување на извршните решенија во целост.
Со новиот директор на АХВ, Јовица Андовски, кој на функцијата беше назначен на минатонеделната седница на Владата, рече дека веќе имале телефонски разговор, за за денеска е планирана и среба на која Митовски ќе му ги соопшти заклучоците од состанокот на Општинскиот кризен штаб.
Прашан што доколку нема никаков одговор од Владата и дали се планира во тој случај да се излезе на протести, Митовски одговори потврдно, наведувајќи дека овојпат тој и неговите сограѓани се решени да одат докрај и да ги употребат сите механизми што ќе довдат до трајно решение на проблемот.
„Сметам дека ситуацијата е повеќе од алармантна и сега е моментот да ставиме крај на оваа голгота“,
кажа градоначалникот на Крива Паланка.
Од каде е добитокот
Инаку, Агенцијата за храна и ветеринарство изминатиот период имаше неколку акции за одземање на добиокот од одгледувачите – татко и две ќерки, кои се одвиваа во тензична атмосфера бидејќи додека инспекторите на АХВ се обидуваа да ги заловат кравите, нивните сопственици ги оневозможуваа во работата.

Дел од сопствениците на добитокот беа приведувани и од Министерството за внатрешни работи и против нив беа поднесени кривични пријави поради спречување на вработени од Агенцијата за храна и ветеринарство во извршувањето службени дејствија.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Крива Паланка во декември лани поднесе обвинителен предлог против таткото и двете ќерки, кои се водат како сопственици на добитокот за сторено кривично дело – спречување службени лица во вршење службено дејствие.
Во описот на случајот од Обвинителството тогаш наведоа дека на 2 декември таткото и двете ќерки во местото Самоков, во близина на кривопаланечкото село Луче, спречиле вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да извршат одземање крупен добиток.
Таткото беше обвинет и за загрозување на сигурноста, бидејќи се заканувал на четири лица, додека една од ќерќите се товари и за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста. Таа, како што соопштија тогаш од Обвинителство, телесно повредила полициски службеник што бил повикан да асистира при одземањето на говедата, влечејќи го и гребејќи го по лицето. Со обвинението, надлежниот јавен обвинител до Судот тогаш достави и предлог на таткото и двете ќерки да им биде определена мерка притвор.
Државата, пред повеќе од година и половина, формално ги одзеде кравите од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и од неговите три ќерки. Меѓутоа, тие се државни само на хартија, пишуваше „Призма“ кон крајот на декември.
Ѓорѓиевски во изјава за Телма во февруари годинава тврдеше дека нема проблем што добитокот му се одзема, но бара тој добро да се чува, а смета и дека треба да добие некаков надомест затоа што со години го одгледувал добитокот.
