Главниот град на Црна Гора беше збирното место каде различни чинители ги споделија искуствата, успешните приказни и предизвиците на полето на човековите права, кои, пак, се едни од клучните прашања при пристапниот процес кон ЕУ
Поддршката на ЕУ во областа е широко распространета – од проекти за заштита на жртви на семејно насилство, до проекти со кои се учат земјите во регионот – како да ги слушаат младите и да ги интегрираат нивните барања во државните политики
На прв поглед, апликација која им помага на млади Роми да најдат работа, центар за заштита на жртви на семејно насилство и оркестар составен од музичари од балканските држави, немаат ништо заедничко. Ама, не е така. Ги поврзува решеноста на група поединци да ги унапредат човековите права во различни области, и политичката определба на Брисел да им помогне во избраниот пат.
Тоа врзивно ткиво беше доволно за деновиве (5 и 6 ноември 2026 година) во Подгорица на едно место да се соберат – граѓански организации, новинари, младински амбасадори на ЕУ и претставници од Делегациите на ЕУ од Црна Гора, Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Србија.
„Ние се обидуваме да се соочиме со некои тешки теми, но се обидуваме на некој начин да покажеме дека не зборуваме за проекти на Европската Унија, туку дека зборуваме за луѓето од Западен Балкан кои направија промени“,
изјави Самра Лучкин, координатор и менаџер за стратешки комуникации на WeBalkans.
Самра Лучкин е координатор и менаџер за стратешки комуникации на WeBalkan, регионална платформа која главно споделува информации за ефектите од минатите и сегашните ЕУ-проекти на Балканот. Но, и најави и можности за идните соработки. На настанот кој го организираа, наречен „Подгорица хаб“, најмногу се зборуваше за она што е направено. Не само како бројки, туку како суштина.

Основните пораки уште на стартот ги пратија претставниците од делегацијата на ЕУ во Црна Гора и од Генералниот директорат за проширување и источно соседство на Брисел (DG ENEST). „Конфликтите долго го обликуваа Западниот Балкан, време е приматот да го преземат други информации“ или „луѓето не можат да носат информирани одлуки ако постои страв од слобода на изразување во едно општество“, беа некои од воведните поенти.
Стари предизвици, нови пристапи
На нив се надоврзаа првата група панелисти – претставници на организации кои веќе прават разлика.

„Постарите генерации не покажуваат тенденција да се приспособат… тие сакаат да бараат работа на стармоден начин, па за нив организираме и вокациски обуки. Со младите е полесно. Направимве апликација која ги спојува вештините на работниците и барањата на компаниите. Така, младите може да се приспособат и да најдат стабилна работа“,
изјави Суад Скендери од „Ромалитико“.
Така, меѓу другото, говереше Суад Скендери од „Ромалитико“. Станува збор за организација од Македонија, посветена на подобрување на состојбата на Ромите. Додека претставниците на таа заедница се пример за дискриминација на Балканот и пошироко, обраќањето на црногорската активистка Далиборка Уљревиќ потсети дека и многу други групи на Балканот се редовно на маргините.

„Не можеме да ја решиме целата состојба со една програма. Се обидуваме да правиме постојани интервенции… Целта е, со време, да ја правиме дискриминацијата сè помалку прифатлива. И мислиме дека успеваме во тоа.“
Бранко Чечен, новинар од Србија, го сподели искуството и влијанието на поддршката од ЕУ во работата на тамошниот Центар за истражувачко новинарство (ЦИНС). Низ годините биле едни од ретките – и како пример за извор на независни информации и како пример за демократско раководење.

„(Нашите н.з.) новинари имаат Собрание. Собранието ги носи сите одлуки, не раководството. Раководството има обврска да го исполни тоа што одлучило Собранието…
ЕУ ја направи идејата за инклузија многу попопуларна отколку што беше“,
изјави Бранко Чечен.
Друга група новинари, но во Босна и Херцеговина, со помош од ЕУ почнала да работи т.н. solution journalism (новинарство насочено кон решенија). Преку тој пристап, учат и повеќе за проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
„Откако една сторија ќе биде објавена, организираме локални средби за да разговараме за наодите. Ова го смалува јазот помеѓу локалните власти и групите граѓани кои се на маргините“,
кажа Маида Муминовиќ од Медиа центар – Сараево.
ЕУ го учи Балканот како да ги слуша младите
Проектите на ЕУ на Балканот од областа на човековите права немаат за цел да ја подобрат состојбата само на маргинализираните групи. На следниот панел говореа луѓе чиј ангажман донел или носи поинаков тип промени – за младите.
Лундрим Реџа ја сподели приказната за „Младинскиот оркестар на Западен Балкан“ – група во која членуваат музичари од сите земји од регионот и која, инаку, не би се составила.

„Музичари по прват свират со музичари од други земји со кои инаку не би свиреле. Помага во борбата со стереотипите едни за други. Довербата се креира преку музика.“
Владимир Перазиќ од Црна Гора и Слободан Благовчанин од Босна и Херцеговина беа на конференцијата во име на младински организации од тие земји.
По години напори и помош од Брисел, официјална Подгорица ги отвора вратите и на парламентот, за младите. Не само фигуративно.
„Ќе има младински комитет во парламентот на Црна Гора. Веќе е сменет Деловникот и во следите неколку дена по првпат ќе имаме можност да работиме/зборуваме директно со пратениците“,
изјави Владимир Перазиќ од Националниот младински совет на Црна Гора.
И покрај напредокот, во Црна Гора сè уште има предизвици кога е во прашање младинското учество во носењето одлуки. Поддршка од ЕУ и енергија за зголемено учество на младите во носењето на одлуки има и во Босна и Херцеговина. Но, таму резултатите се мешани. Пред сè поради недостатокот на политичка волја, односно недостатокот на комуникација по политичка и етничка линија.
Иднина
Настанот во Подгорица беше втор од тој тип годинава. Претходно истава година, сличен собир имаше во Белград. Одржувањето вакви конференции веројатно ќе продолжи и идната година, во другите држави од Западниот Балкан.
Една од целите е да се слушнат успешните приказни поттикнати од ЕУ-проектите. Но, и преку размена на мислења, да се дизајнираат програми и проекти кои им се потребни на граѓаните на шесте држави од регионот кои сакаат да станат членки на ЕУ.
