Според наводите од партиското соопштение, актуелната директорка на ИЈЗ, Марија Андоновска, им наредила на раководителите на секторите службената комуникација да се одвива исклучиво на македонски јазик. Раководителите на секторите, велат од ДУИ, добиле инструкции преку телефонски пораки да ги известат вработените дека двојазичните документи повеќе нема да се прифаќаат и дека за валидни ќе се сметаат само документите на македонски јазик

Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) тврдат дека непочитувањето на Законот за употреба на јазиците прераснува во загрижувачки тренд во државните институции.
Според ДУИ, се почесто раководителите на институциите ја преземаат улогата на судии и додаваат дека бескрупулозно го прекршуваат законот и одлучуваат според сопствената волја дали албанскиот јазик треба да се користи во службената комуникација.
Како повод за реакцијата наведуваат информации што ги дознале од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Според наводите од партиското соопштение, актуелната директорка на ИЈЗ, Марија Андоновска, им наредила на раководителите на секторите службената комуникација да се одвива исклучиво на македонски јазик. Раководителите на секторите, велат од ДУИ, добиле инструкции преку телефонски пораки да ги известат вработените дека двојазичните документи повеќе нема да се прифаќаат и дека за валидни ќе се сметаат само документите на македонски јазик.
„Со кое право директорка на државна институција си дозволува да прогласува за неважечки документи што го содржат албанскиот јазик? Кој ѝ дал надлежност да се поставува над законот?“,
прашуваат од ДУИ.
Од ДУИ сметаат дека подеднакво загрижувачки како и овие постапки е молкот на претставниците на Влен.
„Претставниците на Влен, освен што покажуваат неспособност да го заштитат албанскиот јазик, сега стануваат и глуви пред флагрантните прекршувања на законот. Наместо да ги искористат правните и институционалните механизми за да обезбедат негова примена, тие го избраа молкот и рамнодушноста“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Сметаат дека учеството на Влен во Владата не претставува само политичка неспособност, туку прераснува во охрабрување за сите оние функционери што се осмелуваат да го прекршуваат законот.
Според нив, ваквите постапки се случуваат само неколку дена по објавувањето на извештајот од Европската комисија во кој, меѓу другото, се посочуваат проблемите со почитувањето на јазичните права.
„Наместо овој извештај да послужи како аларм за Владата, сведоци сме на спротивното: функционери што се однесуваат како да стојат над законот и политички претставници што молчат пред нив“,
велат од ДУИ.
Оттаму ја повикаа Владата темелно да ги преиспита постапките на функционерите и да побара конкретна одговорност.
„Бараме конкретна одговорност за непочитувањето на Законот за употреба на јазиците. И конечно, време е Инспекторатот за употреба на јазиците да излезе од своето засолниште на срамот и да почне да ја извршува должноста за која е основан“,
додаваат од партијата.
Сметаат дека Инспекторатот мора веднаш да спроведе институционален надзор и да преземе соодветни правни мерки против сите оние што го прекршуваат важечкиот закон, без оглед на функцијата или политичката припадност.
„Законот за употреба на јазиците не е прашање на желба, ниту предмет на политичко пазарење. Никој нема мандат да се поставува над законот и никој нема право да го прогласува албанскиот јазик за неважечки во институциите на оваа држава“,
порачуваат од партијата.
