„Ние веќе работиме во Владата на тоа, во рамките на она за кое зборував, да може студентите да ги користат овие привилегии не само за студентски оброк, туку и онаа сума, оној волумен што ќе биде одобрен на месечно ниво да го продолжат и понатаму да го користат во синџирите за дополнителни попусти, дополнителни привилегии“, вели премиерот
Бленди Ходаи, претставник на Форумот за образовни промени, преку објава на социјалните мрежи ја отвори темата за повластената исхрана во собранискиот ресторан и субвенционираниот студентски оброк. Објави фотографија од менито на собранискиот ресторан, каде што пратениците можат да се хранат по повластени цени, и направи споредба со поддршката што ја добиваат студентите
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите на претставникот на Форумот за образовни промени, Бленди Ходаи, за субвенционираниот студентски оброк, рече дека бил непријатно изненаден и шокиран од начинот на кој, како што оцени, биле навредувани редовни професори.
Ходаи во петокот, при поднесувањето на тужбата против Министерството за образование и наука поради износот на студентскиот оброк, побара Владата и Собранието да ги отворат вратите за студентите, за и тие да можат да јадат бифтек по цена од 160 денари, како пратениците и министрите.

Премиерот посочи дека и самиот, како и министерката за образование и наука Весна Јаневска се редовни професори и дека во текот на годините им помогнале на многу генерации студенти да стекнат знаење потребно за нивниот понатамошен живот.
„Како редовен универзитетски професор, педагог и родител, можам да кажам дека бев непријатно изненаден и, би рекол, шокиран бидејќи на тој начин да се навредуваат, како што тој го направи, редовни професори, бидејќи и министерката за образование и јас како претседател на Владата сме сепак редовни професори и генерации и генерации студенти сме помогнале да се стекнат знаење, кое понатаму им требало во животот и за нив и за нивните семејства, во најмала рака е непристојно“,
рече премиерот.
Според него, жали што Ходаи не присуствувал на состанокот на кој разговарал со легитимните претставници на студентските движења за студентскиот оброк.
Нагласи дека Владата работи на можност студентите одобрената месечна сума да ја користат не само за оброк, туку и за дополнителни попусти и поволности во трговските синџири.
„Ние веќе работиме во Владата на тоа, во рамките на она за кое зборував, да може студентите да ги користат овие привилегии не само за студентски оброк, туку и онаа сума, оној волумен што ќе биде одобрен на месечно ниво да го продолжат и понатаму да го користат во синџирите за дополнителни попусти, дополнителни привилегии“,
кажа Мицксоки.
Упати порака до студентите дека ги смета за свои пријатели и поддржувачи и дека ќе продолжи да ги поддржува и по завршувањето на неговиот политички ангажман, кога планира повторно да се врати на универзитетот.
„И би сакал да испратам една порака до студентите дека јас како редовен универзитетски професор сум нивен пријател, поддржувач. Бидејќи, на крајот на краиштата, политиката и оваа денешна моја позиција се минлива категорија. Кога сето ова ќе заврши, јас повторно ќе му се вратам на универзитетот и повторно ќе работам и ќе другарувам со студентите и ќе се потрудам дел од своето знаење и искуство да го пренесам, кое се надевам дека на голем дел од нив ќе им значи додадена вредност во нивните животи“,
вели тој.
Додаде дека досегашните активности на Владата се потврда за поддршката на студентите, наведувајќи ги проектите поврзани со студентските домови, обезбедувањето електронски уреди за студентите, активностите за ученичките и студентските домови, како и изградбата на нови универзитетски кампуси.
„Оваа влада е пријател на студентите и така ќе продолжи. Поединци можеби нема да се согласуваат со оваа политика. Но, непристојно е редеовни професори да бидат понижувани и навредувани на отворена сцена“,
кажа Мицкоски.
Бленди Ходаи, претставник на Форумот за образовни промени, преку објава на социјалните мрежи ја отвори темата за повластената исхрана во собранискиот ресторан и субвенционираниот студентски оброк. Објави фотографија од менито на собранискиот ресторан, каде што пратениците можат да се хранат по повластени цени, и направи споредба со поддршката што ја добиваат студентите.
„Еве го менито на собранискиот ресторан, каде што народните избраници можат да јадат по повластени цени. А потоа, од истото тоа Собрание, се одлучува за студентскиот оброк и за младите, од кои 38 отсто се соочуваат со ризик од сиромаштија. Прашањето е едноставно: зошто повластената исхрана е оправдана за функционерите, а субвенционираниот оброк за студентите е предмет на расправа?“,
праша Ходаи.
Претходно, Форумот за образовни промени соопшти дека поднел тужба против Министерството за образование и наука пред Управниот суд поради, како што тврдат од организацијата, непочитување на Законот за субвенциониран студентски оброк.
Од Форумот наведуваат дека МОН во изминатите три години не го спроведувало законското усогласување на износот на субвенцијата со годишната стапка на инфлација, предвидено во членот 2.1 од Законот.
