На прашањето по што за една година јавноста ќе може да оцени дали нешто се променило во Обвинителството, Хаџи Василева рече дека се надева на барем неколку конкретни предмети во кои ќе се види поголема иницијатива кај обвинителите. Во самата институција би сакала и обвинителите и вработените во стручната служба да почувствуваат поголемо професионално достоинство

Новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, сака да ја реорганизира работата со заостанатите предмети за обвинителите да имаат повеќе време за прибирање докази во активните истраги, особено во случаите од јавен интерес. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, таа се заложи и за почесто склучување спогодби со обвинетите, посочувајќи дека долгите судења, особено кога има повеќе обвинети, чинат и време и пари.
Говорејќи за приоритетите во четиригодишниот мандат, Хаџи Василева рече дека во Обвинителството со години се наталожиле нерешени предмети. Ја прашавме дали рационализацијата што ја најавува во практиката би значела обвинителите да избираат што ќе гонат. Таа оцени дека така поставено, прашањето е „лизгав терен“.
„Нас нè обврзува начелото на легалитет. Каде има криминал, вие морате да постапувате. Но истовремено нè обврзуваат и начелата на економичност, ефикасност на кривичниот прогон“,
рече Хаџи Василева.
За граѓаните, според неа, важно е да видат дека Обвинителството постапува неселективно и дека предметите добиваат конечен исход. Една од можностите за тоа ја гледа во спогодувањето, за кое смета дека е потценето и недоволно се користи. На забелешката дека во јавноста спогодбата често се доживува како погодност за обвинетиот, таа посочи што би добил и судот.
„Спогодбата е институт кој се применува секаде. Би го растоварил судот, би ги намалил трошоците… Судските постапки се скапи постапки, особено доколку опфаќаат повеќе луѓе и, како што забележувате, и долго траат“,
рече таа.

Со спогодбата обвинетиот признава вина, а може да добие поблага казна. Хаџи Василева посочи дека одредбите за поблаго казнување се применуваат и кога обвинетиот ќе ја признае вината во текот на судењето. Предноста на спогодбата, според неа, е што постапката добива конечен исход во пократок рок.
На крајот од разговорот ѝ побаравме два податока по кои, за една година, јавноста ќе може да оцени дали направила разлика како шефица на ОЈО ГОКК. Како прво мерило ги посочи самите предмети.
„Се надевам дека по една година ќе имаме неколку, барем неколку предмети убави низ кои, ете, и вие како јавност и ние како професија ќе почувствуваме поголема, како да речам, иницијативност и активност – конкретни предмети веројатно би ве убедиле и вас како јавност, а и нам би ни дале чувство на ентузијазам од она што го работиме“,
рече Хаџи Василева.
Второто мерило, рече таа, е каква промена ќе почувствуваат луѓето што работат во Обвинителството – дали ќе се подигнат стандардите во работењето и дали и обвинителите и стручната служба ќе чувствуваат дека нивната работа повеќе се цени.
