Новата шефица на ОЈО ГОКК вели дека јавните реакции создаваат притисок врз обвинителите, но дека единствено доказите треба да го диктираат нивниот став. Таа не знае дали се наредени нови вештачења во „Мазут“, побарани по враќањето на предметот од Вишото јавно обвинителство

Предметот „Мазут“ повторно го води обвинителката што ја запре истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ од 2021 до 2023 година, како што впрочем предвидуваат процедурите. Новата шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека е уверена оти колешката постапува по насоките од Вишото јавно обвинителство. На конкретното прашање дали се наредени нови вештачења, одговори дека не знае кои дејствија се досега преземени.
Вишото јавно обвинителство Скопје го врати предметот по приговор од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ). Во соопштението за одлуката беше наведено дека се констатирани слабости во вештачењата врз кои обвинителката ја засновала одлуката за запирање на истрагата и дека е побарано да се наредат нови.
„Искрено, во таа смисла до детаљ не знам дали и кои дејствија се преземени“,
рече Хаџи Василева.
По запирањето на истрагата реагираше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој тврдеше дека обвинителката не ги зела предвид сите докази и најави дека „јавноста ќе биде шокирана од тоа што наскоро ќе го дознае“. Ја прашавме Хаџи Василева дали ѝ е позната некоја нова околност на која би можела да се однесува изјавата на министерот.
„Во однос на шокирање некакво, исто така не би си дозволила да влегувам и да коментирам изјави, меѓутоа пак ќе речам, предметот е во фаза во која уверена сум дека се преземаат некакви дејствија според дадените напатствија од повисоко обвинителство“,
одговори таа.
Со оглед на реакциите, особено оние од претставници на извршната власт, ја прашавме обвинителката дали сега е под притисок да поднесе обвинение. Хаџи Василева одговори дека силните јавни реакции можат да создадат притисок и врз обвинителите и врз судиите.
„Меѓутоа, на крај на денот, повторно дел од нашата одговорност е и да одолееме на тие притисоци, да се избориме со тие притисоци, макар и колкави да се, бидејќи ние одговараме и ги цениме доказите и фактите. Не можат притисоците да бидат и не треба да бидат оправдување за некаква одлука про или контра по одредено прашање, туку единствено доказите треба да бидат оние кои ќе диктираат јавнообвинителски став“,
рече Хаџи Василева.
На прашањето дали би поддржала одлука за повторно запирање на истрагата, таа рече дека за поддршката се пресудни аргументите со кои е образложена одлуката. Конечната оцена дали има доволно докази за обвинение, додаде, ја дава обвинителката што го води предметот и која одговара за својата работа.
Ќе продолжи да го застапува обвинението против судијата Ѓоко Ристов
И по преземањето на раководната функција, Хаџи Василева ќе продолжи да го застапува обвинението против апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Доказите предложени од Обвинителството веќе се изведени, а при крај е и изведувањето на доказите на одбраната. „Легитимно е очекувањето мое дека сме во некаква, ете, предзавршна фаза“, рече таа за судењето.
Хаџи Василева рече дека би го задржала и предметот против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, бидејќи и тоа судење е во понапредна фаза. Според неа, ако предметите сега му се доделат на друг обвинител, тој би морал одново да се запознава со нив во момент кога судењата се ближат кон крајот.
