„По однос на судијата Ѓоко Ристов, ќе ја почитувам пресумпцијата на невиност до конечното завршување на судскиот процес којшто се води пред Основниот кривичен суд Скопје. Доколку такви случаи се појават и дојдат до мене како в.д. претседател на Апелацискиот суд, нормално ќе се преземат соодветни мерки преку соодветни институции да се дејствува веднаш“, рече Герасимовски на денешниот брифинг со новинарите
Како и другите судови во земјава, и Апелација, како што наведе в.д. претседателот, се соочува со недостиг на кадар – судиски, службенички и поротнички
Во, условно кажано, неформалниот дел од брифингот беше соопштено дека јавната седница за случајот „Ласкарци“ ќе се одржи на 10 декември во 9: 30 часот
За корупција дека има во судот, не знам, а доколку има такви случаи ќе се преземат соодветни мерки. Ова денеска го кажа в.д. претседателот на Апелацискиот суд Скопје, Зоран Герасимовски, на брифинг со новинарите, прашан за коментар околу случајот со судијата од овој суд Ѓоко Ристов, кому му се суди за прикривање имот и перење пари откако во семејниот дом на своите родители во Неготино заѕидани во ѕид од кујната беа најдени 350 000 евра.

„По однос на судијата Ѓоко Ристов, ќе ја почитувам пресумпцијата на невиност до конечното завршување на судскиот процес којшто се води пред Основниот кривичен суд Скопје. Доколку такви случаи се појават и дојдат до мене како в.д. претседател на Апелацискиот суд, нормално ќе се преземат соодветни мерки преку соодветни институции да се дејствува веднаш“,
рече Герасимовски.
Инаку, поканите за брифинзи од страна на Апелацискиот суд Скопје не се чести, односно ги немало од поодамна.
Денешниот беше свикан од Герасимовски, кој од крајот на јули е вршител на должноста претседател на второстепениеиот суд. Тој на оваа функција беше назначен на крајот на јули годинава, од страна на Судскиот совет, чии членови избираа меѓу и неговата колешка Тања Милева.
Герасимовски е кандидат и да го добие целосниот мандат како претседател во Апелација, потврди минатата недела Судскиот совет. Негова противкандидатка е апелациската судијка Лидија Зимбовска, која, како што утврди мнозинството на Советот, исто така, поднела целосна и уредна документација на огласот за избор.
(По)транспарентен суд
На брифингот, на кој беа присутни и судиите кои воедно се и портпароли на Одделите во скопската Апелација, во, условно кажано, формалниот дел стана збор за состојбата во која работи судот, предизвиците со кои се соочува и плановите за зголемување на неговата транспарентност.
„Целта на оваа средба е да го отвориме судот за јавноста, да биде достапен преку медиумите до граѓаните на Република Македонија, да ги добиете сите информации од мене од портпаролите за она што е актуелно и што се случува во државата. Сакам овој суд да биде транспарентен, да нема нарушен углед и да ги задржи оние позиции коишто ги имаше во минатото“,
рече Герасимовски.
Недостиг на кадар
Како и другите судови во земјава, и Апелација, како што наведе в.д. претседателот, се соочува со недостиг на кадар – судиски, службенички и поротнички.
Тој посочи дека според систематизацијата од 2015 година донесена од Судскиот совет, овој суд треба да има претседател и 51 судија, но во моментов по предмети постапуваат 35 судии. Овој проблем со кадарот, рече Герасимовски, се провлекува подолг период.
Идентична е и состојбата со судската служба во Апелација, која наместо 245 вработени, колку што е предвидено, брои помалку од половина, односно 101 службеник.
„Оваа година предвидени се и одобрени 10 нови вработувања во судската служба, но сè уште се чека реализација на истите, која е неизвесна“,
рече тој.

Во истиот контекст, в.д. претседателот на Апелација рече оти од 2020 година досега не се одобрени унапредувања на судските службеници што би влијаело позитивно на вреднувањето на нивниот труд и дополнителна мотивација.
Судот се соочува и со недостиг на судии поротници. Во него во моментот работат само седум, од предвидени 32.
В.д. претседателот на Апелација причината за оваа ја гледа во ниската дневница од 570 денари за судиите поротници која е утврдена од 2018 година и досега не се сменета.
И покрај редовното објавување огласи за пополнување на оваа опозиција, заинтересираноста е многу мала и судот функционира со само седум поротници, со што се отежнува одржувањето на јавните седници и расправи, кажа тој.
Можно подобрување на состојбите гледа во измените на Законот за судовите со кои се зголеми возрасната граница на лицата кои можат да бидат поротници од 60 на 67 години. Но, како што додаде, повторно останува проблемот со надоместокот, за што рече реагирале до Министерството за правда за донесување на нов правилник со повисока дневница за судиите поротници.
Од неажурен во ажурен суд
Ваквата состојба, како што наведе, влијае на работата на судот кој годишно работи на повеќе од 23 000 предмети, бидејќи е надлежен, односно во него пристигаат предмети за второстепена постапка од девет основни суда, меѓу кои од Основниот кривичен и Основниот граѓански суд во Скопје.
Во првиот квартал од годината Апелација била неажурен суд бидејќи судот не успеал да се справи со приливот на предмети, но во следните два ситуацијата веќе и подобрена.
Инаку, за периодот јануари – септември 2026 година, како што беше кажано на брифингот, во судот биле примени над 10 000 нови предмети, а вкупниот обем бил 18 045 предмети, од кои решени се 10 298 предмети.

В.д. претседателот информира дека изготвена програма за решавање на заостанатите предмети.
Јавна седница за „Ласкарци“’ во декември
Во, условно кажано, неформалниот дел од брифингот, каде што новинарите даваа предлози и прашуваат за предмети, беше соопштено дека јавната седница за случајот „Ласкарци“ ќе се одржи на 10 декември во 9:30 часот.
За потсетување, Врховниот суд на почетокот на септември ја укина пресудата на Апелацискиот суд за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, бидејќи оцени дека второстепенито суд не дал доволно конкретни и целосни одговори на жалбите и не образложила доволно како се утврдува кривична одговорност на секој од осудените.
Предметот Врховен повторно го врати на одлучување во Апелацискиот суд, кој претходно донесе одлука со која им ги зголеми затворските казните на дел од обвинетите што Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда.
