Од владејачката партија велат дека во борбата против ваквиот тип насилство не смее да има селективност, истовремено оценувајќи дека некои опозициски кругови се обидуваат да ги користат случаите на семејно насилство за прибирање политички поени
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ порачува дека дава јасна поддршка во борбата против насилството врз жените и оценува оти ваквите теми не смеат да бидат предмет на злоупотреба за собирање политички поени од ниту еден чинител.

Според партијата, справувањето со овој проблем бара координиран пристап на три нивоа, од кој како прв го посочуваат институционалниот одговор, и тоа не само од Министерството за внатрешни работи (МВР), туку и од другите надлежни институции. Дополнително, како клучен општествен приоритет го посочуваат функционирањето на превентивните механизми, за да не се дозволи, како што велат, ескалација на насилството.
„Како општество целта треба да биде една и јасна, да не стигнуваат работите до тој степен. Значи не треба да ни се случуваат случаи како убиството на 31-годишната Ајнет во Битола, убиството на 17-годишната Билјана Кириќ во Богданци, случајот со Ивана и нејзината ќерка и слично“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како трето, владејачката партија инсистира дека за сите случаи мора да следува соодветен и навремен одговор од правосудството, односно и од обвинителските и од судските инстанци.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека појавата на вакви случаи не е од вчера и дека пред сè е потребно превентивните механизми да се стават во целосна функција, со крајна цел да се спречи насилството врз жените.
„Во борбата против ваквиот тип насилство врз жените не смее да има селективност, иако некои опозициски кругови се обидуваат да го користат за политички поени“,
стои во реакцијата на владејачката партија.
Соопштението од владејачката партија доаѓа по вчерашниот настап на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 35. годишна конференција на Унијата на млади сили на партијата, каде што се осврна на протестите на младите против насилството врз жените.
Тој изјави дека е шокиран од низата случаи на насилство врз жените, нагласувајќи дека тие мора да добијат институционален одговор, но и порача дека проблемот е децениски и е последица на „разорениот систем, губењето на моралот, губењето на принципите и семејните вредности, но и поради ниското ниво на општествена, па и политичка култура“. На младите што протестираа им порача дека во него можат да гледаат соговорник и соработник.
Инаку, протестот, на кој доминираа пораките „Мал престап жени убива, брат“ и „Кој ви даде право да нè убивате“, се одржа во петокот (20 ноември) пред Владата, а беше насочен против фемицидите, родово базираното насилство и институционалните пропусти. Собирот следуваше по случајот со 26-годишната охриѓанка, која пред нешто повеќе од една недела беше претепана од својот 31-годишен партнер, против кого е поднесено обвинение за три кривични дела и му е одреден 30-дневен притвор.
Во меѓувреме, јавниот обвинител Ненад Савески и министрите за внатрешни работи и за социјална политика, демографија и млади, Панче Тошковски и Ѓоко Велковски, во петокот, како што соопштија од Јавното обвинителство, одржале состанок на кој, според информациите, договориле конкретни мерки за побрзо и координирано постапување во случаите на семејно насилство.
Според утврдениот протокол, МВР веднаш по приемот на пријава за семејно насилство ќе го известува надлежното обвинителство, а обвинителот ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа. Предвидено е итно обезбедување вештачења за повредите, процена на ризикот и прибирање докази, како и одредување постојано достапни лица за контакт во сите три институции со цел навремена заштита на жртвите и поефикасно гонење на сторителите.
