ДУИ бара од МОН и од заменик-министерот Сулејмани јавно да објаснат како бил обезбеден еднаков третман на учениците и дали критериумите, постапките и резултатите биле анализирани и според етничката припадност

Помалку од 10 проценти од вкупниот број доделени ученички стипендии за учебната 2026/2027 година им припаднале на албански ученици, обвинуваат од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и бараат одговорност од партијата Влен и заменик-министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани.
Според партијата, од вкупно 817 доделени стипендии, само 80 се за ученици Албанци. Од ДУИ посочуваат дека ситуацијата е особено загрижувачка во одредени категории каде велат дека албанската застапеност е целосно занемарлива.
„Во категоријата талентирани ученици, од вкупно 50 доделени стипендии, ниту еден албански ученик не добил стипендија. Од друга страна, во категоријата талентирани уметници, само 4 албански ученици добиле стипендија, наспроти вкупно 150 доделени стипендии“,
се наведува во реакцијата на ДУИ.
Оттаму сметаат дека ваквите резултати отвораат сериозни прашања за начинот на кој Министерството за образование и наука (МОН) управува со образованието и обезбедува еднакви можности. Од ДУИ велат дека Влен не може да се задоволува само со владини функции и декларативни заложби додека во образованието недостига отчетност.
„Стипендиите не се привилегија, туку можност што треба да се доделува врз основа на правични и еднакви критериуми“,
велат од партијата.
ДУИ бара од МОН и од заменик-министерот Сулејмани јавно да објаснат како бил обезбеден еднаков третман на учениците и дали критериумите, постапките и резултатите биле анализирани и според етничката припадност.
Од партијата побараа од Министерството за образование и наука да ги објави целосните податоци за пријавите, освоените бодови и корисниците по категории, како и да ги појасни критериумите врз основа на кои биле избрани стипендистите.
„Образованието не смее да биде област во која албанските ученици остануваат недоволно застапени. Одговорноста за транспарентноста и еднаквите можности е институционална и не може да се избегне со молчење“,
се вели во соопштението од ДУИ.
