Шведскиот град имаше свој „Пулс“ во 1998 година. Загинаа 63, а беа повредени 213, претежно млади лица. Повредените и семејствата на починатите и денеска го одржуваат жив споменот, но и заедничките места во кои наоѓаат утеха и инспирација да продолжат понатаму
„360 степени“ ја придружуваше делегацијата од Кочани која од прва рака виде и слушна кои промени ги направила Шведска по пожарот. Посетата е возвратна, откако претставници на Гетеборг во два наврати беа во Кочани за им дадат поддршка на погодените од пожарот
Гетеборг, Шведска, 29 октомври 1998 година. Македонски клуб во градот ги изнајмува своите простории за приватна забава. Организатори се млади луѓе, повеќето доселеници од 19 земји. Објектот собирал 150, но влегле речиси 400 посетители. Сакале да бидат внатре и четири момчиња, ама биле спречени бидејќи не сакале да платат билети. За одмазда, подметнале пожар на помошните скали. Намерата им била алармот да ја растури забавата на оние внатре.
Но, огнот брзо се проширил. Стотиците млади наеднаш тргнале кон единствениот преостанат и недоволен за сите пат кон надвор – главниот влез. Спасувачките екипи два часа се бореле за секој млад живот. Епилогот е 63 мртви и 213 повредени, речиси исто како во пожарот во „Пулс“ во Кочани.


За жал, тоа не беше филм, тоа беа реални сцени. Поминаа 28 години од стравотниот пожар во Гетеборг – трагедија која го шокира светот и засекогаш го промени овој град. Зградата сè уште стои, а и приказните за младоста што згасна во неа и натаму одекнуваат меѓу ѕидовите.
Место за спомени
Делегација од Кочани – двајца пожарникари, двајца претставници на Општината, како и по еден претставник од Здружението „16 март 2025“, Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ и Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“, имаа можност да ги посетат Гетеборг и објектот во кој се случи трагедијата.

Тој сега е претворен во меморијален центар на иницијатива на поголем дел од преживеаните и роднините на загинатите. Местото служи и како едукативен центар против насилство и за заштита од пожари. Во него се изложени фотографии на дел од жртвите, предмети пронајдени во пепелта, како и подароци и пораки што потоа ги оставале граѓаните.

Гилијар Јавахери е претседателка на здружението што управува со меморијалниот центар. Во пожарот загинал нејзиниот помал брат.

„Мнозинството сметаше дека треба да го задржиме, да го направиме меморијален центар, кој и натаму ќе можеме да го посетуваме, каде што ќе можеме да бидеме заедно и ќе можеме да го споделуваме знаењето со кое се здобивме од оваа трагедија.“
вели Јавахер.
Единствено нереновирани останале скалите каде што бил подметнат пожарот. На нив двајца од преживеаните во детали раскажуваа што и како се случило.
„Тие не знаеле дека овде нема аларм и како ќе реагираме ние кога ќе настане паника“,
објаснува преживеаниот во пожарот Милорад Станкиќ.

Милорад Станкиќ, по потекло од Босна и Херцеговина, во пожарот бил тешко повреден, но вели дека по таа ноќ научил многу нешта за животот.

„Колку е вредно каде ја даваш својата енергија, кому му ја даваш енергијата, кому не му ја даваш енергијата, каде треба да одиш, кому му го даваш своето време, а кому не, бидејќи знаеш дека може вака да се прекине. Изгубив многу пријатели овде и самиот сум повреден. Ја загубив десната нога. Денеска сум инвалид. Така што, многу добро знам што е животот“,
вели Станкиќ
Домаќините од Гетеборг и гостите од Кочани, кои делат слична судбина, споделија и многу спомени, солзи, искуства и надежи. Ова е нивна трета средба, по двете претходни во Македонија – минатото лето и на годишнината.
Марија Петрушова, активистка и мајка на загинато момче во пожарот во Кочани, смета дека градот не е подготвен за ваков меморијален центар.

„Можеби е рано, ама ние сме сè уште гневни на тоа место. Не можеме да влеземе таму. Тоа нас нè асоцира на смртта на нашите деца, а не сакаме на тој начин да се врзуваме и сега за сега не можеме да си дозволиме на тоа место да се изгради некоја спомен-куќа или спомен-центар“,
вели Петрушова.
Пред објектот во Гетеборг има спомен-обележје на кое беше положено цвеќе. На него се врежани имињата на загинатите со златни букви кои симболизираат ѕвездено небо.

Борба против пожари
Тагувањето е добро за да се помине низ траумата, велат Швеѓаните, но тие брзо се впуштиле и во учење лекции од трагедијата. Во Противпожарната и спасувачка служба на градот велат дека прво е донесен нов закон за заштита од несреќи. Со него секој сопственик или корисник на објект е одговорен за одржување на противпожарната заштита и секој објект мора да има противпожарен алармен систем.

„Законодавството се измени на начин што се помести фокусот, од инцидентот и реакцијата на инцидентот, на превенција од тоа воопшто да не се случи инцидент. Поголем фокус сега е ставен на одговорноста на самите сопственици и воопшто одговорноста за заштита од пожари“,
вели Пер Никвист, заменик-началник на Противпожарната служба – Гетеборг.
Редовни се и инспекциските контроли во училишта, болници и други институции, како и во приватни објекти. Имаат и едукативна функција.
„Се обидуваме да го посетиме секое училиште. Кога се во петто одделение, тие се на возраст меѓу 10 и 12 години, почнуваме да им кажуваме – ова е ризик од пожар, треба да одите дома и да им кажете на родителите сè што знаете. Дека ова не е нешто од што треба да се плашите, но и дека мора да водите сметка за себе и треба да ви е позната опасноста од пожари.“
додава Никвист.
Двајцата пожарникари од Кочани присуствуваа на показна вежба што ја изведе овој тим од седуммина пожарникари од Гетеборг. Прво, нивниот тим-лидер на макета од објект им покажа како и со кои средства треба да се дејствува. Потоа почна акцијата на терен.

Чад се појави од специјално изграден објект наменет за вежби. Но тоа е лажен, а не вистински чад, за да не се загадува околината. Ја отворија влезната врата и со пожарникарски црева влегоа внатре. Паралелно со тоа направија отвор и во горниот дел и со специјален вентилатор го вадеа чадот од објектот. Почна потрагата по повредени и жртви со специјална камера што детектира човечка топлина.

„Пожарникарот е секако најважната личност. Треба многу да вежба за да може да ги користи сите овие алатки на камионот. Се разбира, нашата опрема е исто така многу важна“,
вели Јоаким Стин, тим-лидер, ПП единица Гетеборг.
Продолжија со презентација на опремата што се користи во зависност од карактеристиките на објектот што е зафатен од пожар.

Сето ова го надгледуваше нивниот искусен колега Пер Андерс Линдфелд кој вечерта кога се случил пожарот во Гетеборг бил меѓу првите што пристигнале на местото. Има порака за македонските колеги:

„Мислам дека најголемото влијание што може да го остварите врз граѓаните е – учете ги за превенција. Тоа е мојот совет за нив. И, секако, она што го правиме денеска – постојано вежбајте. Продолжете да бидете најдобри во својата професија.“
Командирот на Територијалната противпожарна единица од Кочани, Драган Апостолов, смета дека им е потребна посовремена опрема, но и повеќе луѓе.

„Млади луѓе, надежни луѓе, кои ќе имаат вакви тренинзи во вакви центри за обука, кои ќе ги земаме како готов производ кај нас во противпожарната служба и мислам дека граѓаните ќе бидат посигурни со нова опрема и повеќе луѓе на терен“,
вели Апостолов
Во Шведска за пожарникар се учи две години, а потоа се бара работа во противпожарните единици кои пред потенцијалното вработување вршат дополнителни тестирања.
Младински центри
Веќе следниот ден по пожарот локалните власти обезбедиле психосоцијална поддршка за младите. Ова е само еден од многуте младински центри наречени „Зад аголот“. Тие се традиција во Шведска уште од педесеттите години на минатиот век, а биле одлично место за младите по големата трагедија.

„Едноставно можеш да дојдеш во ова место. Да бидеш со пријателите. Да плачеш, да се смееш, да бидеш свој. Не мораш да бидеш дома сам“,
вели Елеонор Артфорс – социјална работничка од Гетеборг.
Параш Лама во пожарот го загубил својот помлад брат, а и самиот бил повреден. Тогаш често доаѓал во овие младински центри кои многу му помогнале во психичко закрепнување. Преку нив го пронашол својот пат до идната професија – социјален работник.

„Ова беше место каде што, ако сакавме, можевме да зборуваме и да го споделиме нашето искуство од несреќата. Но, најмногу беше место во кое за момент можевме да заборавиме на болката и да се однесуваме како нормални деца, како ништо да не се случило“,
вели Лама.
Ана Вучева од „Сапорт Кочани“ вели дека кај нив имаат сличен младински центар наречен “The nest“ или „Гнездото“, но се финансира од донатор, а не од општината или државата.

„Нашето ‘Гнездо’ е прекрасно катче, ама е многу помало од тука. Немаме такви ресурси, немаме такви вработени. Ние имаме некој што го одржува просторот, ама немаме посебен човек што ќе те дочека, ќе ти го претстави просторот, во исто време ќе ги услужи другите, ќе се посвети на сè.“
вели Вучева.
Училиште, младински центар, библиотека
Во пошироката околина на Гетеборг е Општината Партиле. Таму имаат слично место, а разликата е што ова е збиралиште за сите возрасти. Се работи за основно и средно училиште, библиотека, младински центар, музичко училиште, место за одржување настани, кино – сè во едно.

Според домаќините, ваквите места се важни не само за полесно справување со колективни трауми, туку во кое било време – за поздраво општество.

„Имаме една куќа во која можеме да понудиме различни нешта за сите жители на Општината, за сите возрасти, од нула до сто години. Ова е безбедно и препознаено место во мала заедница или општина како Патиле“,
вели Хели Кунас, социјална работничка од Партиле.
Психологот Јулијана Стојанова од центарот „Малинска“ смета дека посетата на оваа мала општина е особено вредна за да се разменат искуства – како една заедница да гради долгорочна отпорност.

„Пристап што ќе им даде шанса на сите професионалци да се вклучат, сите заедно да можеме како една сложувалка да му обезбедиме развој на Кочани. Не да го пометиме Кочани само пред настанот, туку Кочани понатаму да се развива како поотпорен град на сите предизвици што можат да произлезат од секојдневието“,
вели Стојанова.
Делегацијата од Кочани имаше свечен прием во зградата на градот Гетеборг. Ги прими лично градоначалникот Аслан Агбас.

„Искуствата што ги гледаме овде се многу значајни за Општина Кочани бидејќи тие тоа веќе го поминаа и уште го поминуваат и сакаме да видиме како тие се справуваат“,
изјави Сашо Стојменов, претставник на Општина Кочани
Швеѓаните велат дека на човек што тагува драгоцен му е секој момент на радост и спокој, како пловењето по морските води на Гетеборг. Ова патување беше потсетник дека по секоја трагедија најголема одговорност е да се продолжи понатаму преку научени лекции и градење општество во кое човечкиот живот ќе биде на прво место.
