За идејата од времето на претходниот министер за здравство за тригодишна набавка за дел од терапиите, Стојковски рече дека работат и оти најверојатно тоа може да го направат во следната јавна набавка за 2027 година
Во врска со децентрализацијата, Ана Марјановиќ од „Хема-онко“ рече дека како здружение инсистирале тоа да биде направено на начин на кој, пред сѐ, ќе има сигурна терапија за пациентите и услови во кои ќе ја примаат редовно, навремено и во атмосфера што ја заслужуваат

Минатата година дијагностицирани се 1 000 пациенти со канцер на дојка, а на Клиниката за радиотерапија и онкологија во овој момент на активен третман се 7 000 заболени, велат од Здружението „Хема-онко“. Од Здружението денеска на Клиниката организираа настан посветен на пациентите, здравствените работници и на заедничкото градење подобра и посеопфатна онколошка грижа, со наслов „Појадок со ‘Хема-онко’“.
Директорот на Клиниката, Игор Стојковски, вели дека минатата година ја завршиле со 5 300 нови пациенти од разни локализации и додава дека годишно имаат по 200 до 300 новорегистрирани пациенти.
„Во однос на преваленцата, пациенти што барем еднаш се јавуваат на Клиниката во текот на една календарска година, зборуваме за број од речиси 20 000 на годишно ниво“,
вели Стојковски.
Според него, од година на година растат потребите од финансии поради две причини, главно поради тоа што има зголемување на бројот на пациенти и зголемување на преваленцата.
„Значи, пациентите подолго примаат терапија, подолго има успеси во лекувањето, значи подолго преживување, така што секогаш постои потреба од зголемување на финансиските средства во наредната година“,
рече тој.
Стојковски додаде и дека минатата година се воведени нови лекови за болните од канцер, конкретно за канцерот на дојката, а зголемен бил и бројот на пациенти што се третирани со специфичен третман.
На новинарско прашање колку време чекаат пациентите кога ќе дојдат да примат терапија, со оглед на тоа дека на социјалните мрежи пациенти постојано реагираат дека ќе дојдат изутрина на Клиниката, а ќе завршат попладне со терапијата, тој рече дека тоа зависи од терапијата и дека разни терапии имаат различна должина.
Во однос на тоа како ќе го решат проблемот со прекинот во доставувањето на терапијата, што неколкупати се случуваше и дека пациентите се загрижени, рече дека може да дадат укажување на веледрогеријата, односно дистрибутерот ги знае консеквенциите кои се, кои ги има со доцнењето кај пациентите.
За идејата од времето на претходниот министер за здравство за тригодишна набавка за дел од терапиите, рече дека работат и дека најверојатно тоа може да го направат во следната јавна набавка за 2027 година.
Околу долгогодишните најави за дисперзија на онколошката терапија во Градската општа болница „8 Септември“, Битола и во Штип, Стојковски рече дека е планирано таа да биде во неколку фази.
„Почна првата фаза, тоа е специјалистичко-консултативна дејност. Се надеваме дека в година ќе почне и дневната болница да функционира, значи неколку фази се тоа. Зависи од инфраструктурата на болниците. Примарно е безбедноста на пациентите да биде соодветна, значи тоа подразбира, покрај кадар и инфраструктура соодветна, да може терапијата да се прима безбедно. Дека е проблем – да, постои, значи и сами можете да видите“,
кажа проф.д-р Стојковски.
Во врска со децентрализацијата, Ана Марјановиќ од „Хема-онко“ рече дека како здружение инсистирале тоа да биде направено на начин на кој, пред сѐ, ќе има сигурна терапија за пациентите и услови во кои ќе ја примаат редовно, навремено и во атмосфера што ја заслужуваат.
„Не е поентата само да се прима терапијата, туку навистина да обезбедиме дека секој пациент што нема да биде на Клиниката за онкологија, да ја прима безбедно оваа терапија. Од една страна, како пациенти најмногу знаеме колкав е притисокот на Клиниката на онкологија и тоа е и поради фактот што имаат недостиг на персонал, кој се обидуваат да го надоместат, а од друга, поради големиот број експерти во однос на лекувањето, посебно за дојка, пациентите надвор од градовите сакаат тоа да биде направено на Клиниката на онкологија. Од таа причина, веќе со Министерството за здравство ние имаме доставено неколку барања и сега веќе почнуваме еден процес“,
истакна Марјановиќ.
Од оваа година, за среќа, посочи таа, имаме тумор-борд, односно мултидисциплинарен тим, кој треба и за секоја пациентка што ќе биде дијагностицирана да одлучува какво ќе биде понатаму нејзиното лекување. Појасни дека она што сакаат да се постигне со дигитализацијата е да има мултидисциплинарни тимови и конзилијарното мислење, кое го има на Клиниката на онкологија, да работи и да функционира и за другите центри за да може да се погрижат дека пациентот добива и соодветна нега, а само терапија.
Според неа, бројките на заболени годишно се зголемуваат, меѓутоа во исто време, за среќа, се зголемуваат и оние што преживуваат.
Целта е, како што рече, да се постигне што е можно поголем број на терапии, да се реши проблемот со дијагностиката и метежот на Онкологија бидејќи ниеден пациент, нормално, како и овој персонал овде, не заслужува да работи во ваков метеж и под ваков притисок.
