Клековски вели дека во наредниот период ќе биде ставен уште поголем фокус на превенцијата, раната дијагностика и третманот на ракот на дојката, кој останува едно од најчестите малигни заболувања кај жените
Ана Марјановиќ од „ХЕМА-ОНКО“ потенцира дека подигнувањето на свеста и раната дијагностика остануваат најсилното оружје во борбата против ракот на дојката

Еден од главните проблеми е скрининг-програмата за рак на дојка, концепт кој мора да се преосмисли, вели министерот за здравство Сашо Клековски додавајќи дека околу 1 000 нови случаи на рак на дојка се регистрираат годишно во земјава, а во моментов околу 7 000 пациентки се лекуваат или се лекувале.
Клековски, кој денеска присуствуваше на „Розовиот пикник појадок“ во Паркот, кај Школка, организиран од Здружението „ХЕМА-ОНКО“, рече дека еден од приоритетите на министертвото е подигнувањето на свеста за ракот на дојка, додавајќи дека за успешно лекување е неопходно болеста да се открие навреме.
„Мораме комплетно да го премислиме концептот и се надевам многу бргу заедно со ‘ХЕМА-ОНКО’ ќе промовираме нов концепт за скрининг-програмата“,
рече Клековски.
Клековски вели дека во наредниот период ќе биде ставен уште поголем фокус на превенцијата, раната дијагностика и третманот на ракот на дојката, кој останува едно од најчестите малигни заболувања кај жените.
Според него, снабдувањето со лекови во моментов е стабилно, но Министерството за здравство анализира дополнителни мерки за надминување на прекините во испораката на терапијата. Вели дека два лека за рак на дојка се префрлени на позитивната листа, со што пациентките кои се на хронична терапија можат да ги подигнуваат во аптеките, наместо да доаѓаат на Клиниката за онкологија.
Тој потсети и дека од минатата година е обезбедена дополнителна финансиска поддршка за Клиниката за торакална хирургија и Клиниката за пластична хирургија, со цел реконструктивните зафати да се изведуваат веднаш по оперативниот третман.
„За нас тоа не е само естетско прашање, туку прашање на психофизичкото здравје и квалитетот на живот на жените кои се соочиле со оваа болест“,
нагласи Клековски.
Ана Марјановиќ од „ХЕМА-ОНКО“ потенцира дека подигнувањето на свеста и раната дијагностика остануваат најсилното оружје во борбата против ракот на дојката.
„Редовните самопрегледи и раното откривање можат значително да ја зголемат шансата за успешно лекување на ракот на дојка, а кај жените кај кои болеста е откриена во рана фаза стапката на преживување надминува 99 проценти“,
рече Марјановиќ.
Според неа, иако во моментов државата нема функционална скрининг-програма, жените имаат можност преку редовни самопрегледи навреме да забележат промени и побрзо да побараат лекарска помош.
„Искрено верувам дека ако жената добро го познава своето тело и активно се грижи за своето здравје, ракот може да биде откриен во фаза кога лекувањето е најуспешно“,
додаде таа.
Значаен чекор во лекувањето рече дека е и воведувањето тумор-борд за третман на рак на дојка.
„Наместо одлуките за третманот да ги носи поединец, за секоја пациентка треба заеднички да одлучува мултидисциплинарен тим составен од онколози, торакални хирурзи, радиолози и патолози“,
додаде Марјановиќ.

Таа изрази надеж дека во текот на следната година во работата на тимот ќе биде вклучена и Клиниката за пластична хирургија, со цел уште од почетокот на лекувањето на пациентките да им се обезбеди поквалитетна психолошка и физичка поддршка.
Марина Камберска, која веќе осум и пол години живее со дијагноза рак на дојка, упати порака до пациентките да не се изолираат и да не се повлекуваат во себе, туку отворено да разговараат за болеста и да бараат поддршка. Порача дека треба искуствата на пациентите да се споделуваат, бидејќи поддршката од луѓе кои поминале низ слична борба може значително да помогне во справувањето со болеста и упати и апел до жените редовно да вршат самопрегледи на дојките, нагласувајќи дека телото често испраќа сигнали кои не треба да се игнорираат.
Тереза Балаловска, која се лекува од рак на дојка од 2019 година, порача дека за болеста мора да се зборува гласно и без страв, бидејќи молчењето и негирањето се меѓу најголемите пречки за навремено откривање и лекување.
Таа раскажа дека болеста ја открила сама, преку самопреглед, по што со поддршка од матичниот лекар започнал процесот на испитувања што довел до поставување на дијагнозата. Балаловска нагласи дека патот низ лекувањето е тежок и неизвесен, особено во првите моменти по соочувањето со дијагнозата, кога пациентите се преплавени со стравови и прашања за иднината.
По повторното појавување на болеста во 2024 година, како што вели, таа станала уште посилна и поактивна во борбата за подигнување на свеста. Според Балаловска, ракот на дојка е болест што тивко влегува во животите на многу семејства и често не дава јасни симптоми, поради што здравствената култура, редовните прегледи и отворениот разговор за болеста се неопходни за заштита на идните генерации.
Организаторите истакнаа дека токму ваквите собири придонесуваат за рушење на стигмата поврзана со болеста и за охрабрување на жените да побараат помош и поддршка навреме.
