Засега е непознато во чија сопственост се животните и како завршиле на скопските улици

На булеварот „Илинден“ во близина на населбата Карпош 4, утрово е забележана кобила со мало ждребе на асфалтот, а во близина имало и коњ. За оваа слика преку објава на Фејсбук информираше скопјанка што ја затекнала ситуацијата.
Според објавата на Фејсбук, ждребето било тукушто родено, а скопјанката во описот вели оти го извлекла до најблиската трева за да го тргне од коловозот.
„Неверојатно луѓе или поточно да кажам ‘нелуѓе’. Се враќам утринава по Илинденска и таму при крајот на сред улица штотуку породена кобила со роденчето ждребе и уште еден коњ. На сред улица лежи малото со плацентата, никој да застане да помогне. Застанав, едвај го извлеков на тревата покрај патот. А, бре идиотине подзадстануваа и со мобилните снимаат никој да застане да ми помогне!!!!. Едвај го извлеков од сред пат. Ете толку гревои сме во душите, гревои“,
пишува во објавата на Фејсбук.
Засега е непознато во чија сопственост се животните и како завршиле на скопските улици.
Веднаш по оваа објава, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека мајката кобила и ждребето се згрижени во скопската Зоолошка градина.
„Кобилата и ждребето се преземени и сместени на безбедно, во карантин, каде што ќе ја добијат потребната нега и стручен третман. Но, со нивното згрижување не завршува обврската“,
пишува Ѓорѓиевски.
Тој ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, шумарство и ветеринарство (МЗШВ) итно да пристапат кон заедничка, координирана акција, секој во рамките на своите надлежности.
„Потребни се конкретни мерки, како заштита и соодветно згрижување на животните, одговорност за нивната експлоатација и злоупотреба. Иако не сме надлежни, Град Скопје го ставам на располагање со сите расположливи капацитети за да помогнеме во оваа акција. Очекувам итен одговор и конкретно постапување. Доколку тоа изостане, ќе ја преземеме иницијативата и ќе ги искористиме сите механизми во рамките на нашите надлежности“,
додава градоначалникот.
Ѓорѓиевски додава дека не смееме да се навикнеме на сликите на напуштени и есклоатирани животни по скопските улици.
