Атлетичарите од Кенија остварија целосна доминација и во двете конкуренции на полумаратонската трка од 21 километар, а во најкратката трка на пет километри одлични резултати имаа и домашните натпреварувачи

Кениецот Дерик Чеге Нјороге е победник на 22. издание на „Визер скопски маратон“, истрчувајќи ја патеката од 42,195 километри со време од 2:12:56 часа. Второто место во главната трка му припадна на неговиот сонародник Едвин Кимару Косгеи со време од 2:13:21 часа, додека македонскиот атлетичар Дарио Ивановски се пласира на третата позиција со време од 2:13:49 часа.
Атлетичарите од Кенија остварија целосна доминација и во двете конкуренции на полумаратонската трка од 21 километар. Во машка конкуренција славеше Кенеди Роно со време од 1:05:27 час, пред Киптум Кимаијо и Џон Куриа. Кај жените, пак, победи Валентајн Џебет, која патеката ја истрча за 1:13:16 час, а зад неа завршија нејзините сонароднички Чарен Чепквони и Нанси Гитаига.

Во најкратката трка на пет километри одлични резултати имаа и домашните натпреварувачи. Во машка конкуренција триумфираше Македонецот Андреј Арсов со време од 16:29 минути, втор беше неговиот сонародник Гилман Јонузи, додека третото место му припадна на Фредрик Ухрборн од Шведска. Кај жените, првите две места ги освоија македонските атлетичарки Ирма Хајдари, која истрча за 19:43 минути, и Емили Ивановска со време од 20:54, додека трета заврши Црногорката Лана Ивковиќ.

На годинешниот „Визер скопски маратон“ учествуваат над 15 000 натпреварувачи од 63 земји. Натпреварувачите трчаат во четири категории, и тоа маратон на 42 километри, полумаратон на 21 километар, штафетен маратон во кој четворица натпреварувачи трчаат 42 километри и најкратка е трката на пет километри.
