Натпреварувачите трчаат во четири категории и тоа маратон на 42 километри, полумаратон на 21 километар, штафетен маратон во кој четворица натпреварувачи трчаат 42 километри и најкратка е трката на пет километри

Повеќе од 15 000 натпреварувачи од 63 земји учествуваат на „Визер скопски маратон“ што утрово почна да се трча низ улиците на Скопје.
Најбројни по земји, покрај учесниците од Македонија, се натпреварувачите од Србија, Германија, Велика Британија и Турција.
Натпреварувачите трчаат во четири категории и тоа маратон на 42 километри, полумаратон на 21 километар, штафетен маратон во кој четворица натпреварувачи трчаат 42 километри и најкратка е трката на пет километри.
Маратон го трчаат 800 натпреварувачи, меѓу нив и Македонецот Дарио Ивановски кој го брани трофејот освоен минатата година. На полумаратонот учествуваат околу 3 000 тркачи.
Покрај натпреварувачкиот дел, „Визер скопскиот маратон“ и годинава подготви активности со кои дополнително ќе се збогати искуството на учесниците и публиката. Посебно внимание е посветено и на поддршката вдолж патеката, која традиционално е еден од препознатливите делови на маратонот.
Поради одржувањетона 22. „Визер скопкси маратон“ дел од улиците и булеварите во Скопје денеска до 14 часот ќе бидат затворени за сообраќај, а возилата ќе се пренасочуваат по алтернативни сообраќајници.
Затворен за сообраќај ќе биде потегот од Рекорд, односно улиците „Македонија“ и „Димитрие Чуповски“, продолжувајќи по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Васил Чакаларов“ до реонот на Хром.
Затворени ќе бидат и делови од улицата „11 Октомври“, односно потегот од Собранието кон Црвен крст, како и делови од булеварите „Крушевска Република“ и „Трета македонска бригада“, до делот кај Американ колеџ.
Во Аеродром, со посебен сообраќаен режим ќе бидат опфатени потезите кон Воен базен, Мајчин дом и булеварот „Јане Сандански“, до раскрсницата со булеварот „Србија“.
