Како што информираат од Обвинителството, во станот бил пронајден и клуч од мотоцикл, за кој според првичните оперативни сознанија на полицијата се сомнева дека бил користен при извршување кривично дело убиство

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 33-годишен скопјанец, кај кого при полициски претрес бил откриен цел арсенал оружје, експлозив, муниција и наркотици.
Според информациите од обвинителството, при претресот во домот на осомничениот биле пронајдени и запленети една рачна бомба „М75“ со имплементирани метални кугли со дијаметар околу два милиметри со шрапнелско дејство, 240 куршуми од различен калибар, пиштол „црвена застава“ со калибар 7,65 милиметри со рамка од седум куршуми, пиштол „берета“ со рамка со шест куршуми и околу 7 грама марихуана.
Покрај тоа, како што информираат од Обвинителството, во станот бил пронајден и клуч од мотоцикл, за кој според првичните оперативни сознанија на полицијата се сомнева дека бил користен при извршување кривично дело убиство.
Лицето се товари за кривичните дела неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Надлежниот јавен обвинител до Судот поднел предлог за определување мерка притвор за осомничениот, оценувајќи дека постои опасност тој да се даде во бегство или да продолжи со вршење кривични дела.
