Александар Наунов, татко на починатата Надица и претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“, рече дека тие не бараат пресуда од улица, туку редовно закажување на рочиштата, а секое одлагање јасно и јавно да се образложи

Интензивно судење со над 10 рочишта месечно, чиста правда и судење без одолговлекување побараа родителите на починатите во „Пулс“ денеска на 50. „Марш за ангелите“ во двете свои обраќања, на платото во Трговскиот центар и од пред Основниот суд во Кочани.
Родителите вообичаено го започнаа Маршот од „Паркот на Револуцијата“, а го завршија пред Судот, со попатни станици кај Трговскиот центар, пред зградата на УЈП и Полициската станица.
Александар Наунов, татко на починатата Надица и претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“, рече дека тие не бараат пресуда од улица, туку редовно закажување на рочиштата, а секое одлагање јасно и јавно да се образложи.
„Нашите деца, насилно одземени од нас, нема да се вратат, но вистината и правдата не смеат да изостанат. Секое тактизирање и купување време само ја продлабочува нашата болка. Одговорноста мора да се утврди веднаш. Од ова место од каде што нашите ангели чекореа порачуваме: Нема да молчиме и нема да отстапиме, за нашите деца, за вистината и за правдата“,
додаде Наунов.
Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов, имаше свое обраќање од пред Основниот суд и Обвинителството од каде што побара информации за повеќе постапки и сомнежи за можни кривични дела поврзани со трагедијата од 16 март лани. Таа спомена сомнежи за даночно затајување, неправилности во издавањето на лиценцата и евентуално фалсификување исправа, давање поткуп и давање награда за противзааконито влијание. Посочи и на предистражните постапки поврзани со УЈП и Државниот инспекторат за труд.
„Пред повеќе од две недели поднесовме барање за сомнеж за даночно затајување поврзано со Дејан Јованов. Дали веќе е оформен предмет и до каде е постапувањето? Дали Државниот инспекторат за труд има поднесено кривична пријава за сомнежите поврзани со лиценцата и фалсификување исправа од член 378, став 4. А ако е поднесена, до каде е постапувањето по неа? До каде е постапувањето по сомнежите за давање поткуп и давање награда за против-законито влијание на вработени од УЈП, поврзани со случајот ‘Пулс’? До каде е предистражната постапка за ‘Пулс’ за која се објави дека се води од 20-ти ноември минатата година?“,
праша Блажева.
Таа од Обвинителството побара јавно да појасни кои постапки се водат, против кого, за кои кривични дела и до каде е нивната реализација.
„Бараме институциите да постапуваат и да дадат одговори. Правдата мора да важи за сите“,
порача Блажева, сестра на настрадано момче во пожарот во „Пулс“.
Пред рочиштето одржано во четвртокот родителите на загинатите млади во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во изјава за медиумите преку редица прашања порачаа дека одбраната со доказите и сведоците што ќе ги изведува ќе се обиде да го брани необранливото.
