Според СДСМ, институциите премолчуваат случаи за проневера и шверц на пет тони дрога преку границата без ничија одговорност, сомничави тендери во железницата, како и случаите со настапот на Дејвид Гета и „Лотарија“ тешки 5,53 милиони евра народни пари

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) преку соопштение упати критики до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја за молк, заштита на криминалот и партиска контрола врз правосудните органи. Претходно денеска од партијата ги повикаа од СДСМ да ги достават до Обвинителството сите докази што ги имаат во врска со скандалот во Министерството за одбрана за кој зборуваат во јавноста. Од СДСМ, пак, истакнуваат дека редовно пријавуваат сомнежи за корупција до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Обвинителството, но дека тие пријави се отфрлаат.
Според СДСМ, институциите премолчуваат случаи за проневера и шверц на пет тони дрога преку границата без ничија одговорност, сомничави тендери во железницата, како и случаите со настапот на Дејвид Гета и „Лотарија“ тешки 5,53 милиони евра народни пари.
„Што се однесува до вашиот ‘спутник’ – документацијата е кај вас. Сè тоа го имате. Кога ќе го проверите тоа, проверете го и оној тендер за железницата, 1,6 милиони за Ќуркчиев. И оној аванс за Платформа 2.0. Ги имате и Гета и Лотарија: нула денари, а се испостави дека станува збор за 5,53 милиони евра народни пари“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата обвинуваат и за финансирање на лобирање за владата во износ од 1,56 милиони долари од страна на трговци со оружје, прашања околу дата-центрите, како и за ценовни разлики при набавката на хеликоптерите.
„За жал, поради лагите, денес го водите министерството, па сега се е на вашата адреса.Таму имате министер. Имате обвинител, имате полиција. Не мора Тошковски да се занимава само со хиперхлорирање. Само проверете дали ви одговара тоа поради Платформата, оние 17 потписници што работат за Мицкоски“,
додаваат од СДСМ.
Во соопштението се нагласува дека Македонија е членка на НАТО благодарение на претходната влада предводена од СДСМ, која ги зачувала националниот идентитет, јазикот и културата. СДСМ ја обвинува актуелната власт за координација со проруски структури и медиуми, барајќи од нив конечно да почнат да го спроведуваат законот поддеднакво за сите, наместо да ги штитат своите кадри.
„СДСМ ги именува и своите. Законот мора да важи за сите. Вие ги штитите. Нема селективност. Постои архива на докази која се наоѓа во институциите што не смеат да мрднат без повик од кабинетот на арамијата. Кога ќе се анализираат без телефонски повик, прво ќе стигнете до криминалот и корупцијата. Потоа до Спутникот. А на крајот и до арамијата. Го чекаме вашиот одговор. Вие сте на власт“,
порачуваат од СДСМ.
