Веста за „360 степени“ ја потврди човекот кој собира потписи – Бекир Кадриески од здружението „Шемето“
Формално „Шемето“ е со седиште во Лабуништа, а лани објавуваше дека има и средби со македонски Албанци со бугарска самосвест
Копретседателот на здружението на Бугарите во Република Северна Македонија „Шемето“, Бекир Кадриески, собира потписи за формирање партија. Во телефонски разговор за „360 степени“ тој кажа дека собирањето потписи е во тек и дека очекува процедурата наскоро да заврши. Во однос на името на партијата, Кадриески вели дека за тоа сè уште немаат одлучено.

„Целта на формирањето партија е да се бориме за човековите права бидејќи со овие политичари и политички партии во ова многу заостануваме зад Европа. Народот е огорчен од т.н. политичари“,
вели Кадриески.
Тој додава дека имаат поддршка од другите бугарски здруженија во земјава.
„Ако граѓаните позитивно ги оценуваат нашите идеи, нека ни дадат поддршка. Мислам дека повеќе млади ќе се сложат со нас затоа што младите се тие кои сакаат да бидат во Европа, сакаат демократија и права“,
додава Кадриески.
Информацијата за формирањето на оваа партија денеска ја пренесе бугарскиот портал „Бугарија денес“ кои цитирајќи го Кадриевски, велат дека партијата е веќе формирана под името „Право и разбирање“.
Здружението на Бугарите во Република Северна Македонија „Шемето“ е регистрирано во селото Лабуништа, Општина Струга. Првиот човек на Здружението, Бекир Кадриески, во јуни годинава за „Нова.бг“ изјави дека бил претепан од непознато лице во градот Струга, а потврда за инцидентот имаше и од СВР – Охрид.
Потоа Кадриески бараше лекувањето да го продолжи во Бугарија оти лекарите во болницата во Струга не се труделе многу околу него и не му направиле никакви испитувања. По ова Кадриески беше пренесен на Воено-медицинската академија (ВМА) во Бугарија, од каде што беше соопштено дека тој е надвор од животна опасност.
Поради инцидентот македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси-Попоска беше повикана во бугарското министерство за надворешни работа на средба со генералната директорка за европски прашања Славена Гергова, која изразила загриженост во врска со нападот и повикала на ефикасна истрага од страна на надлежените власти во С Македонија за расчистување на случајот.
Од македонското Министерство за внатрешни работи соопштија дека случајот со физичкиот напад над Бекир Кадриески од полициски аспект е расчистен, бидејќи е реагирано брзо и напаѓачот е приведен.
„360 степени“ го посети селото Лабуништа минатата година со цел да направиме репортажа за организацијата „Шемето“. Сепак, во селото не најдовме канцеларија на здружението. Локалното население, пак, нè убедуваше дека во селото ниту имало ниту има Бугари.
Спроведените пописи низ годините покажуваат дека голем дел од населението во селото го менувало чувството на национална припадност, но конзистентни се податоците дека 96% од населението се муслимани, а 82% се изјасниле дека мајчин им е македонскиот јазик.
Со Бекир Кадриевски, кој сега собира потписи за партија, тогаш се сретнавме и разговаравме во Струга, а не во Лабуништа.