Како што изјавил Кадриески, тој бил соборен на земја и клоцан, а бил удиран и со раце. Кадриески во изјавата за „Нова.бг“ рекол и дека при тепањето бил навредуван на етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“
Копретседателот на здружението на Бугарите во Република Северна Македонија „Шемето“, Бекир Кадриески, бил претепан од непознато лице во градот Струга тврди за „Нова.бг“ самиот Кадриески.
Како што изјавил Кадриески, тој бил соборен на земја и клоцан, а бил удиран и со раце. Кадриески во изјавата за „Нова.бг“ рекол и дека при тепањето бил навредуван на етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“.
Кадриески е државјанин на Република Северна Македонија. Тој нема бугарски пасош, но изјавува дека има бугарски идентитет, пишува бугарскиот портал.
За инцидентот реагираа од бугарската политичка партија ГЕРБ на Бојко Борисов:
„Сведоци сме на уште еден брутален чин на насилство врз државјанин на Република Северна Македонија со бугарски идентитет. Претседателот на здружението на Бугарите ‘Шемето’, Бекир Кадриески, е тешко претепан во градот Струга. Силно ја изразуваме нашата огорченост и го осудуваме овој последователен чин на неиспровоцирано насилство врз нашиот сонародник. Доколку се потврдат информациите дека претепувањето на Кадриески било проследено со зборовите ‘валкан Бугарин’, тогаш тоа што се случило ќе претставува опасен релапс и преку сите можни меѓународни канали ќе бараме делото детално да се истражи и виновниците да бидат целосно казнети“,
велат од ГЕРБ.
Потврда за инцидентот пристигна и од СВР – Охрид.
„На 13.06.2023 година во 12.15 часот, во ОВР Струга пријавено е дека, во близина на спортска сала лоцирана на улицата ‘Боро Хаџиески’ во Струга, А. Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и мир со физички напад врз Б. К. од селото Лабуништа. Се преземаат мерки за расчистување на настанот по што, ОВР Струга ќе поднесе соодветна пријава“,
се вели во полицискиот билтен.