По приемот на Воено-медицинската академија во Софија, на копретседателот на бугарското здружение „Шемето“ му биле направени сите потребни тестови и испитувања за да се утврди неговата здравствена состојба. Тие покажале оти стружанецот е во стабилна состојба и надвор од животна опасност
Копретседателот на бугарското здружение „Шемето“, Бекир Кадриески, кој беше претепан во Струга, е во стабилна здравствена состојба и е надвор од животна опасност.
Ова доцна синоќа, како што пренесува БНТ, го соопштиле од Воено-медицинската академија (ВМА) во Софија каде што Кадриески беше пренесен вчера откако се пожали на несоодветен третман во болницата во Струга.
Фото: „360 степени“
По приемот на ВМА во Софија, на Кадриески му биле направени сите потребни тестови и испитувања за да се утврди неговата здравствена состојба. Тие покажале оти стружанецот е во стабилна состојба.
Во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) тој вчера се пожали оти не добил соодветен третман од лекарите во струшката болница. Кажа дека не му биле направени никакви испитувања иако се жалел на болки во главата и во стомакот. Поради тоа, изрази желба тие испитувања да ги направи во Бугарија.
Копретседателот на бугарскиот клуб „Шемето“, Бекир Кадриески, беше физички нападнат пред неколку дена во Струга. Тој е македонски државјанин, но за себе вели дека има бугарски идентитет. Тврди дека бил претепан затоа што се идентификува како Бугарин.
Случајот со Кадриески потсетува на инцидентот со претседателот на, сега веќе згаснатиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков. Пендиков беше претепан на 19 јануари пред кафе-бар во Охрид, по што со бугарски владин авион експресно беше пренесен на лекување во Софија.
Освен што се лекуваше во соседната држава, бугарските власти му обезбедија престој и лично обезбедување, а неколку месеци подоцна му беше врачено и бугарско државјанство.