Срамота и неприфатливо е тоа што се случи на натпреварот помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија, вели лидерката на БСП порачувајќи дека овие луѓе (во Северна Македонија) не созреале да бидат Европејци
Овие луѓе не се созреале да бидат Европејци, порача лидерката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, мислејќи на граѓаните на Северна Македонија во реакција за синоќешното исвиркување на бугарската химна и скандирањето „Бугари – Татари“ на фудбалскиот натпревар помеѓу македонската и бугарската репрезентација во Скопје.
Добро е, вели таа, што нејзината партија во бугарскиот парламент не го поддржала предлогот за старт на преговорите на земјава со ЕУ, како и тоа што на почетокот на годинава ја откажала посетата на Скопје бидејќи претседателот Стево Пендаровски имаше средба со претставниците на македонското здружение во Бугарија „ОМО Илинден“.
„Она што се случи вчера на фудбалскиот натпревар меѓу Бугарија и Република Северна Македонија е срамота и неприфатливо. Навредата на бугарската химна и скандирањето ’Бугари – Татари‘ покажува само едно – овие луѓе не созреале да бидат Европејци. Не жалам што како министер за економија и индустрија одбив да ја предводам бугарската делегација на билатерална средба во Скопје, по средбата што ја имаше претседателот Пендаровски со ‘ОМО Илинден‘. Коректна беше и одлуката на БСП да не ја поддржи одлуката на Народното собрание да даде зелено светло за нивен прием во ЕУ. Честитки за достоинственото однесување на нашите играчи и за победата“,
вели Нинова.
Претходно во Бугарија реагираше уште еден партиски лидер. Поранешниот премиер од ГЕРБ, Бојко Борисов, порача дека во Северна Македонија не ги разбираат европските вредности.
Инаку, и тој и Нинова се во кампањата за предвремените парламентарни избори во Бугарија што треба да се одржат за пет дена, односно на 2 октомври.
Во однос на синоќешниот натпревар, пак, утрово пристигна реакција и од нашето Министерство за надворешни работи (МНР) во која наведуваат дека го осудуваат говорот на омраза што можел да се забележи во текот на натпреварот.
„Спортските настани претставуваат највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла“,
порача МНР во реакцијата.
Вчерашниот натпревар помеѓу двете репрезентации беше во рамки на последното коло од групата Ц од Лигата на нации и се играше на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Мечот заврши со победа на Бугарија од 1:0.