Утрово пристигна реакција и од нашето Министерство за надворешни работи (МНР) од каде што наведуваат дека го осудуваат говорот на омраза што можел да се забележи во текот на натпреварот
Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер на Бугарија, Бојко Борисов, го осуди синоќешното исвиркување на бугарската химна на почетокот на фудбалскиот натпревар против македонската репрезентација синоќа во Скопје.
Соседите во Северна Македонија, вели експремиерот, не ги разбираат европските вредности.
„Почит за момците од бугарската фудбалска репрезентација! Вака се брани достоинството на нашата нација! Како Бугарин и љубител на фудбалот, категорично го осудувам сквернавењето на бугарската химна на почетокот на натпреварот Бугарија – Република Северна Македонија. За жал, со ваквите постапки нашите соседи од Република Северна Македонија не покажуваат дека ги разбираат европските вредности. Напред бугарски херои“,
напиша Борисов на Фејсбук.
Утрово пристигна реакција и од нашето Министерство за надворешни работи (МНР) во која наведуваат дека го осудуваат говорот на омраза што можел да се забележи во текот на натпреварот.
„Спортските настани претставуваат највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла“,
порача МНР во реакцијата.
Исто така, посочија и оти Северна Македонија и Бугарија во иднина ќе продолжат да ги унапредуваат меѓусебните односи.
Вчерашниот натпревар помеѓу двете репрезентации беше во рамки на последното коло од групата Ц од Лигата на нации и се играше на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Мечот заврши со победа на Бугарија од 1:0.
Photo: EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL