Слична порака испрати и потпретседателот Џеј-Ди Венс, кој изјави дека САД и Иран постигнале одреден напредок во разговорите
Рејтингот на Трамп бележи пад, а дел од гласачите се незадоволни од неговото справување со конфликтот и економијата
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно да се постигне договор со Иран, во услови кога војната предизвика нагло зголемување на цените на горивата и пад на неговиот рејтинг, пренесува Си-ен-ен.

„Цените на нафтата паѓаат како камен, речиси 10 долари за барел, што е рекорд бидејќи луѓето веруваат дека нема да има војна со Иран. Иран сака договор, и тоа што е можно поскоро. Тоа би можело да се случи“,
напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Трут соушл.
Неговата изјава доаѓа во пресрет на изборите за Конгресот во САД, додека анкетите покажуваат дека мнозинството гласачи не ја поддржуваат војната со Иран.
Рејтингот на Трамп исто така бележи пад, а дел од гласачите се незадоволни од неговото справување со конфликтот и економијата.
Слична порака испрати и потпретседателот Џеј-Ди Венс, кој изјави дека САД и Иран постигнале одреден напредок во разговорите.
„Иранците се секогаш малку непредвидливи, а претседателот, како што често вели, ги задржува и воените и невоените опции. Но, дефинитивно постигнавме одреден напредок. Ќе видиме дали можеме да постигнеме уште поголем“,
рече Венс
Претходно, за време на изјава пред новообновениот базен „Рефлектинг пул“ во Вашингтон, Трамп со движење на усните одговорил „не“ на новинарско прашање дали по изборите за Конгресот повторно ќе нареди напади врз Иран.
