Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, вели дека истражителите од обвинителството се во постојан контакт со лицата кои треба да ги обезбедат документите во врска со случајот со набавката на софтверот од генералниот секретаријат на Владата во време на Драги Рашковски.
Меѓутоа, таа не сакаше да сподели повеќе детали од првичното соопштение дека отвориле предистрага по допрен глас, нагласувајќи дека се во почетна фаза на предметот.
„Не можам да ви кажам повеќе од она што го имавме во соопштението затоа што се отвори предмет и ги извадивме сите јавно достапни информации. Се напишаа повеќе наредби, истражители од Основното јавно обвинителство за гонење се во постојан контакт со лицата кои треба да ни ги обезбедат документите кои ги бараме и откако ќе ја обезбедиме, ќе се види документацијата и ќе видиме кои чекори ќе се преземаат“,
изјави Русковска во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Пред два дена, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека отворило предистрага по допрен глас за набавката на софтверот и дека се издадени повеќе наредби за прибирање на потребната документација. Рашковски, пак, во изјавите за медиумите порача дека единствен исправен начин за дознавање на вистината е преку институциите.
„360 степени“ пред десетина дена ја објави првата сторија поврзана со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во вредност од 81 000 евра, кој Рашковски го набавил за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму велат дека ниту знаеле дека таков софтвер е набавен ниту, пак, им треба.
Подоцна, „360 степени“ откри дека токму Рашковски е автор на таков сличен софтвер, а во третата од низата стории на оваа тема објавени се нови спорни околности околу овој случај.
*Сите вести поврзани со ова може да ги прочитате на следниве линкови:
(ВИДЕО) Рашковски прво го платил софтверот, па дури потоа го тестирал
Асоцијацијата на пронаоѓачи го разголи Рашковски: Софтверот е негов
Поповиќ: Каков дополнителен доказ треба да прикаже „360 степени“ за Рашковски да биде сменет?
Рашковски за „Фокус“ самиот потврди дека е во Мексико
Русковска: Ако ниту еден орган не преземе дејствија за Рашковски, тоа ќе го сториме ние
Обвинителството отвори предистрага за софтверот на Рашковски
Рашковски за предистрагата на ОЈО: Само преку институциите ќе се дознае вистината
Рашковски ги кани Чулев и ВМРО-ДПМНЕ на дуел откако ќе се врати од Мексико
Чулев не сака да дебатира со Рашковски, стои на располагање да сведочи во обвинителството