По сториите што ги објави „360 степени“ поврзани со софтверот за сообраќајни прекршоци набавен од страна на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, денеска Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предистрага по допрен глас.
„Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација. По наредбите ќе постапуваат истражителите од истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“,
информираат од Обвинителството.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи до ова обвинителство достави известување во врска со нивното постапување во случајот.
„360 степени“ пред десетина дена ја објави првата сторија поврзана со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во вредност од 81 000 евра, кој Рашковски го набавил за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму велат дека ниту знаеле дека таков софтвер е набавен ниту, пак, им треба.
Подоцна, „360 степени“ откри дека токму Рашковски е автор на таков сличен софтвер, а во третата од низата стории на оваа тема објавени се нови спорни околности околу овој случај.
*Сите стории поврзани со овој случај може да ги прочитате на следниве линкови:
(ВИДЕО) Рашковски прво го платил софтверот, па дури потоа го тестирал
Асоцијацијата на пронаоѓачи го разголи Рашковски: Софтверот е негов
Поповиќ: Каков дополнителен доказ треба да прикаже „360 степени“ за Рашковски да биде сменет?
Рашковски за „Фокус“ самиот потврди дека е во Мексико
Русковска: Ако ниту еден орган не преземе дејствија за Рашковски, тоа ќе го сториме ние