По три и пол децении политика сведена на две партиски адреси, на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ најтешко им е да ја прифатат наједноставната можност: дека во Македонија созреа политичка сила која не бара дозвола, велат од Левица
Филипче, меѓу другото, забележува што на Платформата „Разговори за иднината 12:05“ ѝ се приклучила и Левица, велејќи оти тоа е партијата што отворено застапува руски и кинески инетреси. Според Мицкоски, пак, со Левица владеат дваесетина луѓе кои, вели тој, се задоволни од годишното финансирање и со тоа што три-четири пати годишно одат на одмор

Мицкоски се обидува да нè смести во политичката орбита на СДСМ, додека Филипче, на прес-конференција со бизарна кореографија и лошо одглумен ентузијазам, нè прогласи за сателит на Мицкоски. Вака од политичката партија Левица ги толкуваат реакциите на опонентите откако тие преку својот претставник Амар Мециновиќ се вклучија во разговорите на платформата „Разговори за иднината 12:05“, во која се и дел од актуелни и поранешни функционери на СДСМ.
Од Левица велат оти тоа им ја нарушува удобната позиција на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, градена 35 години.
„Присуството на Левица на јавната трибина ‘Што по 35 години?’ преку учество на истата од страна на нашиот портпарол Амар Мециновиќ, очигледно го наруши удобниот простор во кој 35 години функционира алаш-вериш пазарот помеѓу СДСМ и ДПМНЕ. Откако Левица се појави на политичката сцена, СДСМ и ДПМНЕ не престануваат да се расправаат ‘чија’ е. Денес само ја повторија старата претстава: Мицкоски се обидува да нè смести во политичката орбита на СДСМ, додека Филипче, на прес-конференција со бизарна кореографија и лошо одглумен ентузијазам, нè прогласи за сателит на Мицкоски. Во таа упорна противречност се наоѓа и најдобриот одговор на двајцата: толку се навикнати секоја политичка сила да биде нечија, што не можат да прифатат дека Левица е своја и автентична како производ на времето“,
велат оттаму.
Додаваат и дека по три и пол децении политика сведена на две партиски адреси, на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ најтешко им е да ја прифатат наједноставната можност: дека во Македонија созреа политичка сила која не бара дозвола.
„По децении во кои власта преминуваше од едни раце во други, додека крупните политички и корупциски афери остануваа без разрешница, јавноста добро го познава политичкиот багаж на старите партиски раководства. Левица нема скриена хипотека што треба да ја отплаќа со противуслуги. Не договараме амнестии зад затворени врати; кога разговараме со политички субјекти, јавно соопштуваме со која цел го правиме тоа што произлегло од истото. Немаме лидер со империја што мора да ја чува, бизниси што бараат политичка тишина, ниту товар од сопствено владеење што ни го диктира секој став. Затоа не мораме денес да говориме за правда, а утре да го прекројуваме Кривичниот законик во корист на вмровски функционери; да убедуваме обвинители да одмрзнуваат туѓ партиски имот; или заедно со вмровски советници да гласаме ДУП во интерес на бизнис-елитата“,
велат оттаму.
По вчерашната трибина, денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги нарече „пучисти“ и „шемаџии“ поддржувачите на иницијативата.
„Видовме на едно место мала група на пучисти, на поранешни функционери на СДСМ но и членови на други партии. На ЛДП, на луѓе вработени во ЗНАМ, но и на Левица – партија со целосно спротивни вредности од нашите. Партијата која отворено застапува руски и кинески интереси кај нас и е финансирана од Русија и Кина, тука, во НАТО-земја… сите тие седнати на едно место, сите сателити на Христијан Мицкоски седнати на едно место, тотална шизофренија“,
кажа Филипче.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во интервју за МРТ1 вчера, коментирајќи ја Платформата, кажа дека и оваа алтернатива, според него, го потценува и навредува народот, оти вели дека граѓаните од што немаат избор се за ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на Левица, Мицкоски посочи дека кога таа партија имала можност да покаже перформанси преку две институции во Градот Скопје, оставила катастрофален впечаток, дека партијата „измислува“ и не може да бидат алтернатива. Според него, со Левица владеат дваесетина луѓе, кои, вели тој, се задоволни од годишното финансирање.
„Три-четири пати одат на одмор до нашиот јужен сосед, таму ќе ги забележите на тие плажи и по бутиците во еден од градовите како купуваат семејно, и тоа е отприлика максимумот од таа група луѓе“,
рече Мицкоски.
