Правните дилеми околу набавката на софтверот, поранешниот генерален секретар на Владата, а сега секретар во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, ги остава на институциите, додека за политичките аспекти ја кани ВМРО-ДПМНЕ, преку поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев, на дуел.
Во изјава за Канал 5 ТВ, тој не дава прецизен одговор дали ќе го прекине одморот.
„Правните дилеми треба да оставиме да ги решаваат оние кои за тоа се задолжени: полиција, обвинителство, суд. Политичката дебата ако може и да се нарече дебата која се отвори може да се разјасни преку политички дуели. Ќе заврши мојот ако после се може да се нарече одмор, па нека повели ВМРО-ДПМНЕ преку оној кој ме повика, поранешниот министер Наќе Чулев, да дојде и да дебатираме. Не само за ова. За сè што до сега ме обвинуваа“,
вели Рашковски за Канал 5 ТВ.
Вчера Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека отворило предистрага по допрен глас за набавката на софтверот и дека се издадени повеќе наредби за прибирање на потребната документација. Рашковски, пак, како и денеска, така и вчера, порача дека единствен исправен начин за дознавање на вистината е преку институциите.
„360 степени“ пред десетина дена ја објави првата сторија поврзана со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во вредност од 81 000 евра, кој Рашковски го набавил за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму велат дека ниту знаеле дека таков софтвер е набавен ниту, пак, им треба.
Подоцна, „360 степени“ откри дека токму Рашковски е автор на таков сличен софтвер, а во третата од низата стории на оваа тема објавени се нови спорни околности околу овој случај.
*Сите вести поврзани со ова може да ги прочитате на следниве линкови:
(ВИДЕО) Рашковски прво го платил софтверот, па дури потоа го тестирал
Асоцијацијата на пронаоѓачи го разголи Рашковски: Софтверот е негов
Поповиќ: Каков дополнителен доказ треба да прикаже „360 степени“ за Рашковски да биде сменет?
Рашковски за „Фокус“ самиот потврди дека е во Мексико
Русковска: Ако ниту еден орган не преземе дејствија за Рашковски, тоа ќе го сториме ние
Обвинителството отвори предистрага за софтверот на Рашковски
Рашковски за предистрагата на ОЈО: Само преку институциите ќе се дознае вистината