Скопскиот Апелациски суд во понеделникот ја примил жалбата на поранешниот директор на УБК и првостепено осуден во случајот „Таргет-Тврдина“, Сашо Мијалков, за притворот кој му беше изречен по изрекувањето на пресудата. Од судот велат дека одлуката ќе се донесе наскоро, откако денеска го добиле одговорот на жалбата на Мијалков од Вишото јавно обвинителство.

„Токму денеска стигна одговорот од Вишото јавно обвинителство-Скопје за предметот. Апелациониот суд ќе одлучува во најкус можен рок, но мора да се има во предвид дека советот кој ќе одлучува мора прво да ги прими и проучи списите“,
велат за „360 степени“ од Апелацискиот суд во Скопје.
Од Апелација засега не откриваат кој ќе биде составот на Советот што ќе одлучува по жалбата за притворот на Сашо Мијалков. Барем денеска, не беше возможно да се добие одговор и дали по предметот ќе одлучува совет од три или од пет судии.
По изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“, Сашо Мијалков, кој доби единствена затворска казна од 12 години затвор, доби и две решенија: едното за укинување на куќниот притвор и едно за притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Тој се жалеше на решението за затворски притвор.
Судијката Џенета Бегтовиќ, соопштувајќи ја одлуката, а повикувајќи се на Законот за кривична постапка (ЗКП), соопшти дека притворот на Мијалков може да трае најмногу 60 дена, со оглед дека во неговиот случај станува збор за обвинителен предлог. Обвинителката Ленче Ристоска во изјава за медиумите го објаснуваше рокот од 60 дена потенцирајќи ја истата околност – станува збор за обвинителен предлог.
Така, дури и Апелација да ја отфрли актуелната жалба на Мијалков, тој не може да биде држен во притвор подолго од крајот на април, освен ако во тој период Апелацискиот суд не донесе правосилна пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, што би било преседан во контекст на брзината.