„Лунапарк Саботажа“, емитувана на 31 мај 2019 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
„Лунапарк Саботажа“, емитувана на 31 мај 2019 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Во новото издание на „360 Степени“ на ТВ Алсат (31.5.2019 г.):
Дебата пред одржувањето на првата Парада на гордоста со Ирена Цветковиќ, Кочо Андоновски и Ивана Туфегџиќ.
-„Саботажа“.
by 360степени
Од денеска, до Приштина се патува по автопатот „Арбен Џафери“. Наместо 1 час и 30 минути, Скопје и Приштина сега ги делат 45 минути. Делницата од Блаце до главниот град на Косово изнесува 65 километри. Недостасуваат само уште 14 километри во С. Македонија
Се надевам дека со мојот колега, мојот пријател Зоран Заев, наскоро ќе бидеме заедно во инаугурацијата на преостанатиот дел до Скопје на територијата на Република Северна Македонија. – изјави премиерот на Косово, Рамуш Харадинај.
Зоран Заев, кој беше специјален гостин најави старт во догледно време.
Овие денови и кај нас се распишува тендерот на автопатот 14 километри вреден 120 милиони евра, кој што е од границата на Северна Македонија и Косово до главниот град на нашата земја Скопје.- изјави премиерот на С. Македонија Зоран Заев.
Наместо со сечење лента автопатот беше „лансиран“ со огномет. Најтежок дел од делницата беше мостот низ Качаничката клисура. Долг е 5,7 километри со што е рекордер во регионот. Неговата највисока точка е 83 метри од тлото.
Сè во овој проект е направено во рамките на европските стандарди. Ги повикувам граѓаните секогаш, на секое патување, каде и да се наоѓаат, да се движат во рамките на ограничувањата за брзина. – изјави Ела Ручи, од конзорциумот кој го градеше автопатот „Бехтел-Енка“.
Автопатот „Арбен Џафери го чини Косово 600 милиони евра. Го градеа над 9000 работници на турско-американскиот „Бехтел-Енка“.
by 360степени
Текстот на препораката за почеток на преговори е ист за двете земји, но кај Албанија потоа се наведени и дополнителни услови
Европската комисија денеска избра суптилен начин за да направи разлика меѓу С. Македонија и Албанија, двете земји-кандидатки кои очекуваат скорешно отворање на пристапните преговори со ЕУ. Во Стратегијата за проширување , ЕК користи иста реченица со која сугерира старт на пристапните преговори за двете земји. И за С. Македонија и за Албанија, во документот пишува:
„Во светлината на постигнатиот значаен напредок и на исполнувањето на условите едногласно одредени од Советот на ЕУ во јуни 2018 година, Комисијата препорачува Советот сега да отвори пристапни преговори со С. Македонија (Албанија).“
Сепак, во пасусот од документот во кој е содржана препораката, кај Албанија има две дополнителни реченици во кои се наведува дека оваа земја треба да продолжи со градење солидно досие во борбата против корупцијата на сите нивоа и во борбата против организираниот криминал. Исто така, ЕК констатира дека за Албанија неопходен е посилен национален консензус за ЕУ-интеграцијата преку надминување на актуелната поларизација и демонстрирање политичка волја преку партиските поделби.
За Македонија вакви или слични дополнителни услови не се наведени.
Еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан потврдија дека има разлика во речникот за Албанија и за С. Македонија, но повторија дека препораката е јасна за двете земји.
„Има дополнителни забелешки (за Албанија), но не и услови“, одговори Хан на новинарско прашање (види видео).
Нијансирањето на текстот на препораките, би можело да им ја олесни одлуката на земјите-членки на ЕУ. Познато е дека Франција и Холандија тешко би поддржале почеток на преговори со Албанија оваа година. Сепак, има група земји во ЕУ во кои предводи Италија, со поддршка од Унгарија и Бугарија, кои бараат одлука за почеток на преговори за двете балкански земји во пакет.
За клучен се смета ставот на Германија од каде засега доаѓаат мешани пораки: еден дел од владата и Бундестагот е за отворање преговори само со Македонија во јуни или јули, а друг дел од власта во Берлин смета дека треба да и се даде шанса и на Албанија и одлуката за двете земји да се одложи за на есен.
14 август 2018 година. Дождлив и неработен ден во Италија. Судбината сакала неколку автомобили да се најдат на мостот Полчевера над истоимената река во Џенова.
Епилогот е 43-ца загинати.
Трагедијата во Џенова покрена дебата за квалитетот и безбедноста на мостовите насекаде.
Мостот познат по името „Моранди“, по инженерот Рикардо Моранди кој го создал решението во 1963-та. Има повеќе хипотези зошто се случил колапсот, но нема официјален извештај што би ставил крај на дискусиите. Без оглед на тоа, италијанските власти во февруари почнаа со уривање на мостот, за да се изгради комплетно нов.
Италијанскиот професор и архитект Енцо Сивиеро, кој деновиве во Скопје дебатираше со македонските колеги на тема мостови, не се согласува со прифатеното идејно решение на архитектот Ренцо Пијано, кој меѓу другото предлага и 43 лампи над новиот мост, во сеќавање на загинатите. Според него, најдобро е да се догради постоечкиот, бидејќи никој не го оспорил неговиот квалитет целосно. Дополнително, уривањето значи користење експлозив и евакуација на илјада мештани од околината.
Сивиеро пред македонските колеги и студенти покажа примери на добри и лоши мостови низ светот. Набиената агенда не му дозволи одблиску да се запознае со конструкциите на нашите мостови, но порача дека архитектите не смеат да избегнуваат соработка со градежните инженери. Го прашавме за коментар за два пешачки моста во централното скопско подрачје кои иако се еден до друг, се во целосен контраст. Симболот на градот Камениот мост, кој го поврзува централниот плоштад со старата чаршија, и мостот „Око“, изграден по матрицата на „Скопје 2014“.
Векот на траење на патните мостови е 100 години, а на железничките и до 120. Сепак, за да издржат столетие потребна е редовна контрола и санација и на најситните оштетувања. Во развиените земји состојбата на мостовите се следи со инструменти за 24-часовен мониторинг. Каква е ситуацијата кај нас?
Професорот Горан Марковски од Катедрата за бетонски конструкции и мостови на Градежниот факултет во Скопје вели дека нашите мостови не се во критична состојба, иако добар дел од нив се стари. Она што остава сомнеж кај него е дали и какви контроли се прават на постоечката инфраструктура.
Староста на конструкциите веќе достигнува ниво кое треба да не загрижи, односно да не разбуди, бидејќи векот на нивното траење е при крај или блиску до крај и оттаму мора да се води грижа за нивна постојана контрола. Меѓу објектите во Македонија постојат и такви кои се доста стари и кои навистина заслужуваат веднаш врз нив да се преземат мерки или за санација или во крајна линија уривање или градба на нови објекти.
Марковски не сака да посочи конкретни примери. Вели дека нема прецизен увид. Но, за оние со значителни оштетувања, верува дека надлежните ги преземаат сите потребни мерки.
Има, не можам да речам дека немаме контрола врз состојбата. Можеби треба да се реагира малку побрзо за да се спречат евентуално несакани последици.
Во Македонија има околу 1000 мостови и надвозници. За нивен надзор одговорно е Јавното претпријатие за државни патишта од каде уверуваат дека надзорни инженери редовно ја следат состојбата.
Не треба нам да ни се случи мостот во Џенова, па сите да прашуваат за нашите мостови. Тоа кај нас континуирано се следи и минатата година го отпочнавме најдолгиот мост на Пчиња, за оваа година имаме изградба на четири нови мостови и реконструкција на 12 мостови, кои дел веќе се започнати, меѓу кои е и Искрин мост од Куманово према Свети Николе, кој целосно ќе се реконструира и ќе чини околу два милиона евра.
Дел од мостовите низ нашата држава датираат од шеесетите години. Во неколку наврати во изминатиот период, со пари од НАТО, беа реконструирани повеќе мостови дополнително оштетени при транспортот на воени оклопни возила за мисијата на Косово.
Минатата година попушти бетонскиот мост на железничката пруга кај Градско, поради што цел месец во прекин беше железничкиот сообраќај долж коридорот кој од Грција, преку Македонија и Србија води кон централна и западна Европа.
По аларм од експертската јавност дека мостот „Гоце Делчев“ во Скопје е деформиран, во 2001-та и 2002-та беа обновени конструктивните елементи, а во 2016-та и надворешната бетонска површина. Според изјавите од 2002-та, при отворањето на обновениот мост, тој добил гаранции дека ќе биде безбеден во следните две децении – што значи уште две-три години.
Човекот ја измисли, а сега таа може да го уништи-пластиката.
Замислена како евтина, лесна и функционална, од втората половина на минатиот век, таа стана неизбежен дел од градежната, автомобилската, фармацевтската, прехранбената индустрија. Но, откако човекот ја измисли пластиката за еднократна употреба, од добар слуга – доби еколошки „убиец“. Според некои проценки, 8 и пол милијарди тони пластика е произведена од нејзиниот пронајдок до денес, а дури една третина во последниве 3 децении.
Пред неполни два месеца Европскиот парламент усвои регулатива со која ја забрани употребата на пластични предмети за еднократна употреба – чинии и чаши, прибори за јадење, сламки, балони, стапчиња за чистење уши. Земјите-членки на ЕУ до 2021-ва ќе треба во целост да ја забранат пластиката за еднократна употреба.
Италија го направи првиот чекор, забранувајќи ги стапчињата за уши како најопасни загадувачи. Во Франција, почетокот на идната година ќе значи крај на ерата на пластиката за еднократна употреба.
Забраната ги вклучува и пластичните ќеси, чија употреба најдрастично се казнува во Кенија – висока парична, па дури и затвор. Оттаму, не е чудно што оваа земја стана една од петте најзелени земји во светот, заедно со Норвешка, Португалија, Нов Зеланд и Уругвај.
За човековата негрижа, најпоразителна е неодамнешната снимка од најдлабоката точка на Планетата – Маријанската бразда во Тихиот Океан – на длабочина од над 10 илјади метри истражувачот имал „средба“ со пластична ќеса.
А ова е само една слика од кај нас која кажува се за нас.
Ова е уште една слика за нас – пластиката, ќесите, влажните марамчиња и стапчињата за уши, го затнаа Колекторот на Охридското езеро.
Истиот отпад прави проблеми и во канализациониот систем на Скопје, предизвикувајќи затнувања и оштетувања на пумпите.
За најдолгата река во Македонија и да не зборуваме. Кога ќе надојде Вардар, со него доаѓа и оваа срамна слика за нас.
И бидејќи ние никогаш не ја користиме пластиката за еднократна употреба само еднаш – таа стана и наш отров. Додека во светот рециклирањето е голем бизнис и спас од загадувањето, кај нас ретко кој знае што со пластиката и колку таа е безбедна.
ПЕТ – ова е ознака за пластика од која се прават шишињата за пијалоци. Во триаголникот најчесто го има бројот еден – што значи пластика за еднократна употреба. Секое натамошно користење на истата амбалажа, го загрозува нашето здравје.
ХДП или ЛДПЕ или ПП се ознаки за безбедна пластика. Во триаголникот ги имаат броевите 2, 4 и 5.
Амбалажа која треба потполно да се избегнува е онаа која ја има ознаката ПВЦ, ПС и ПЦ или во триаголникот броевите 3, 6 и 7. Но, и покрај овие податоци, ПВЦ се користи за производство на шишиња, ПС се користи за пластични чаши за кафе или за амбалажа за брза храна. За најлоша се смета пластиката со ознака ПЦ или број 7, која се користи во амбалажи за бебиња, шишиња за спортисти и садови за подготвување на храна.
Професорката Јадранка Блажевска Гилев е автор на бројни научни истражувања за штетноста на пластиката по здравјето на луѓето. Во лабораторијата на Технолошко-металуршкиот факултет, на апарати донирани од НАТО, секојдневно се испитува квалитетот на рециклираната пластика.
На почеток кога полимерниот материал се носи во фабриките за рециклирање, најпрвин се мие за да се отстранат сите нечистотии врз тој полимерен материјал, потоа се сече на ситни парчиња и се добиваат тие полимерни снегулки. Во постапката на рециклирање тој потоа се внесува во екструдер од кој што излегува полимерниот чипс. Овој полимерен чипс, кој што е рециклат ,потоа се користи како материјал во друга индустрија. Од него се произведуваат цевки, канализациони, одводни цевки значи се што не е во допир со храна, може да се изработуваат и полимерни кутии, пластични кутии, канти за ѓубре меѓутоа оној пластичен отпад кој што е многу ситен и мешан и не може да се рециклира, тој се подвргнува освен на постапка на инсенерација преку кој што се искористува енергијата, може да се користи и како полнила во патиштата како тапмони пред постапката на асфалтирање секако за да се намали отпадот во животната средина.
На процесот на рециклирање му претходи собирање и селектирање на отпадот. За жал, домаќинствата кај нас најчесто целиот отпад го ставаат во иста ќеса, која завршува во еден контејнер. Па така, селектирањето останува на индивидуалните собирачи и на Јавните претпријатија за комунална хигиена.
Ние во овој период можеме само да констатираме дека навистина е зголемен бројот на количествата на овие суровини-во рамките на 2019, а во споредба со 2018 дури за 50% ни е зголемено количеството. По неговата секундарна селекција…тие завршуваат овде, на нашите специјални преси за балирање, значи ние балираме хартија, балираме ПЕТ амбалажа односно пластика, лименки и преработуваме стакло, ги доведуваме до таа состојба во која што потоа можат да им се предадат на операторите кои што ги рециклираат и ги подготвуват за понатамошна ре-употреба.
До 2005 г. во Македонија никој не откупувал пластика. Веројатно, никој и немал идеја дека таа може да стане вносен бизнис кој и вработува. УСАИД во 2006 г. го воведе концептот за селектирање и рециклирање. Во проектот беа вклучени Јавните комунални претпријатија, беа поставени сини метални контејнери, а уличните собирачи, после обуката за правилно селектирање, добија зелени трицикли за собирање на употребливата пластика.
Македонија има Закон за рециклирање на амбалажниот отпад од 2011-та. Дозволи за оваа дејност имаат неколу компании, но водечки се Пакомак, како посредувач и Гринтех МК како фирма за рециклирање. Но, од Пакомак велат дека во Македонија се рециклира многу мал процент на пластика, во најголем дел како балирана се извезува во Романија, Србија, Бугарија, Турција, па дури и во Германија. Информацијата ја потврдуваат и од Гринтех кои велат дека по добиената пластика од собирачите, ја сортираат и ја мелат во ситни парченца кои потоа како ПЕТ суровина ја носат во својата фабрика во Романија, а гранулатите се пласираат на домашниот и на регионалниот пазар.
Пакомак има поставено над 3000 контејнери за хартија, стакло, но и за собирање на ПЕТ амбалажа. Несакајќи да го фрлиме ова шише во обична корпа или контејнер, од центарот на Скопје тргнавме во потрага по контејнерите на Пакомак.
На 400 метри од центарот на Скопје, го најдовме првиот контејнер за собирање на ПЕТ амбалажа. Можеме само да констатираме дека ретко кој од нас има свест или трпение да изоди толкав пат со шише во рака.
Но, колкав е патот кога селектирањето се прави уште дома. На пример, во Велика Британија домаќинставата го селектираат отпадот во 7 биоразградливи ќеси со различна боја – посебна за секој вид на отпад. Со тоа, не само што се забрзува процесот на селектирање туку и се пренесува навиката на идните генерации.
Сегашното ниво на селекција на отпадна пластика од страна на граѓаните е на ниско и незадоволително ниво. Вообичаено ниво на селекција на отпадна пластика во земјите-членки на ЕУ е преку 50 % додека кај нас се сведува на само неколку проценти. Тоа мора да се менува доколку сакаме да имаме развиена селекција на отпад во склад со ЕУ нормите за почиста животна средина .
На 22 мај Светот ја започна акцијата „Две недели без пластика“. Повикот беше упатен до сите жители на планетата – две недели сите да живееме без пластика за еднократна употреба. Планетарната акција е во пресрет на Светскиот ден на океаните-8 јуни. Од севкупниот отпад во нив, дури 80 % е пластика – произведена и фрлена од нас. Данокот, засега навидум го плаќаат само растителниот и животинскиот свет.
Јанис Армаколас, професор на универзитетот „Македонија“ со седиште во Солун, во разговор за „360 Степени“ зборуваше за новонастанатата ситуација во Грција, по резултатите од изборите за Европскиот парламент, на кои победи опозициската Нова Демократија, и дали идниот евентуален грчки премер Мицотакис ќе стави вето на почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Мислам дека лидерот на опозицијата нема изјавено дека тие ќе го блокираат почетокот на преговорите со Северна Македонија. Тој рече дека ќе искористи вето кога и да е неопходно додека траат пристапните преговори. Според официјалната позиција на Нова Демократија, почетокот на пристапните преговори не е загрозен, но останува да се види како ќе се развиваат односите и како тие ќе влијаат за време на пристапните преговори. Како и да е, има спротиставени мислења во Нова Демократија. Има важни сегменти и фигури во партијата кои би сакале да има одбивачки политики кон Северна Македонија. Тоа се важни фигури во партијата. Би рекол дека има две различни гледишта во партијата – едно поумерено, кое го застапува лидерот и други важни фигури и друго – потврдокорно, кое го застапува поранешниот премиер и други фигури во партијата. Останува да видиме кој ќе биде балансот на моќта меѓу овие две опции, но по оваа голема победа на европските избори, која очекувам да биде повторена на парламентарните избори, мислам дека следниот премиер Мицотакис ќе има надмоќна позиција и ќе може да поставува свои услови за сите во партијата. Ако сака да следи умерена политика во однос на Северна Македонија, очекувам дека некое време ќе биде во позиција да го прави тоа. Но, секако, останува да се види после изборите – рече Армаколас.
by 360степени
По победата на Нова Демократија во Грција на изборите за Европскиот Парламент и најавените предвремени избори, „360 Степени“ потсетува на изјавата на лидерот на опозицијата, Киријакос Мицотакис, дадена пред 2 недели, за тоа што би направил во однос на почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, и дали би ставил вето од позиција на иден премиер.
Ќе ја разгледуваме ситуацијата како што ќе се развива. Знаете дека, за жал, ако стриктно се толкува Преспанскиот договор, нашата земја нема можност да стави вето на отворањето на пристапните разговори со соседната земја. Очигледно, има можност за време на разговорите по 35-те поглавја да приговара и да стави вето, за време на целиот процес – рече меѓудругото Мицотакис.
Фарие Асан со семејството живее во скопската населба Шуто Оризари. До пред три години живееле во странство. Едната ќеркичка е родена во Италија, а другата во Германија. По враќањето, Фарие завршила обука и добила сертификат за негувател на стари лица и од тогаш е во таа професија.
„Има доста такви кои сакаат да го добијат сертификатот и да заминат од тука за да работат во странство, но, еве, одлуката беше на маж ми, ние да останеме тука. Се вративме и почнав тука да работам. Сепак и тука е добро.“ – вели Фарие Асан, негувателка на стари лица.
Наутро, заедно со сопругот, има време да им се посвети на децата пред да и започнат работните обврски.
„Кај некој корисник имаш само да пазаруваш и да му однесеш, кај некој имаш да зачистиш по дома, да им одржуваш, да им готвиш, доручек да им спремаш, одење во амбуланта, пишување рецепти, земање упати, тоа.“ – додава Асан.
Таа има вкупно осум стари лица за кои се грижи. Ги посетува три пати неделно по два часа.
Пред неа е ден во кој треба да посети четворица од корисниците. Сите живеат во различни делови на Скопје.
Во скопско Маџир Маало живее 71-годишната Маријана Лазева. Таа неодамна ја оперирала раката, па помошта и е добредојдена. Но, признава дека најмногу и треба пријателство.
„Ми почина снајка за син. И ми ја пополни таа празнина со навистина голема љубов. Јас знам да дарувам љубов, но бев во една голема депресија. И многу им благодарам, бидејќи навистина јас малку живнав. Што вели мојата докторка, да те вратам во позитивната Маријана, и сега сум добра.“ – вели Лазева.
Таа и самата има внука која работи во Брисел и смета дека младите треба да си градат кариера таму каде што им е најдобро, но сепак е среќна што негувателката Фарие решила да остане.
„Младите како Фарие јас мислам дека ни требаат и многу како Фарие.“ – додава Лазева.
Маријана Лазева воопшто не би ја запознала Фарие ако таа не завршела обука за негувателка на стари лица во земјава. Таков четиримесечен курс спроведува здружението „Хуманост“, кој си го плаќаат или самите кандидати или донатори, меѓу кои и државата. Но, во „Хуманост“ имаат ваков проблем:
„Си заминал на сред обука за странство, си заминал, странство…“ – извршниот директор на здружението, Сашко Јованов, ја пролистува евиденцијата со оние кои учествувале во обуките за негуватели на стари лица.
„Еве девојкава, која исто така работеше, тоа се слики од терен, меѓутоа за жал…“
Во Германија е и таа?
„Да. Сепак, дел од нив се враќаат, дел од нив остануваат, меѓутоа и таму, нели, не е лесно.“ – вели Јованов.
Негуватели им заминуваат, иако на голем дел од нив обуката им ја плаќа државата за полесно да си најдат работа.
„Сметам дека треба да се најде модул во кој што државата, иако инвестира во нив, тие да вратат со тоа што ќе бидат обврзани по завршувањето на едукацијата, доколку им се понуди работа, истите да не ја одбијат. Една четиримесечна обука е 30 илјади денари. Во краен случај, ако вие не сакате да работите, иако ви е понудено работно место, треба да ги вратите парите таму каде што сте ги добиле.“ – смета Јованов.
Во Агенцијата за вработување велат дека преку обуките создаваат кадри за потребите на домашното стопанство. По добивањето на сертификатот во земјава се вработуваат до 50 отсто од обучените, што го сметаат за висок процент. Сепак, иако голем дел од останатата половина заминуваат во странство, државата нема механизам со кој би ги обврзала да останат, и покрај тоа што ги финансира обуките.
„Секое невработено лице има еднаков пристап во спроведување на обуки со цел истите да бидат полесно вработливи на пазарот на трудот. Ние не можеме на невработените лица да им го скратиме правото да учествуваат во обуки, во активни мерки и политики за вработување и да бидат учесници на пазарот на труд. Во суштина тоа е наша примарна цел.“
Без разлика дали се спремаат за домашниот или за странскиот пазар на труд?
„Граѓаните врз основа на нашите повици и посредувања што ги правиме учествуваат во активните мерки. Ние ги подготвуваме тие да бидат лесно вработливи и конкурентни на пазарот на труд во Република Северна Македонија.“ – рече Билјана Јовановска, директорка на Агенција за вработување на РСМ.
Еден од најголемите корисници на услугите на „Хуманост“ е општината Центар. Со нивниот проект за грижа на постари лица, во моментов, помош добиваат околу 100 жители на општината, чии блиски најчесто се иселиле.
„Уште поголем проблем е што веќе голем дел се, на некој начин, отидени во странство и веќе имаат направено одредена база и сега многу полесно ги повлекуваат сите останати. Тоа е голем проблем бидејќи навистина, и во овој проект и во многу останати, ние ќе обучиме луѓе за после година-две да мора да заминат.“ – вели Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.
Повторно „пожар“ во „Хуманост“. Така во здружението ја нарекуваат ситуацијата кога ќе им замине некој од негувателите па мораат да прават комбинации за да ги покријат сите корисници. Од 60-тина лица вклучени во обуките, останале со десеттина негуватели. Емилија Робановска смета дека хонорарот што го нудат е во рамките на домашниот стандард, а самата работа дека не е тешка.
„Кај нас работат, оптимално, со шест корисници во текот на неделата. Тоа значи три корисници дневно. Тие тројца ги поминуваат понеделник, среда и петок по два часа, значи ефективни работни часови со корисник им се шест часа. Тие земаат 15 илјади.“ – вели Емилија Робановска од здружението за поддршка и развој „Хуманост“.
Оваа потпросечна плата за повеќето млади во земјава не е доволна. Таков е примерот на 33-годишната Јованка Антовска, која потекнува од тетовско Жилче, а речиси шест години работи во дом за стари лица во Франкфурт, Германија. Вели дека таму има голем недостиг на негуватели и медицински персонал што се пополнува со кадри најчесто од балканските земји, а заработувачката достигнува и до две илјади евра месечно.
„Се работи седум часа на ден, условите се многу добри, старскиот дом изгледа како хотел.“ – раскажува Антовска.
Дали размислуваш за враќање во Македонија?
„Не. Затоа што тука е мојот дом сега и се чувствувам исполнето. Тука навистина се заработува подобро од Македонија и подобро се цени.“ – додава таа.
За разлика од Јованка, негувателката Фарие Асан смета дека приходите во земјава и се задоволителни. Таа заврши со дневните обврски кај нејзината тетка Маријана во Маџир Маало.
Дали размислувате во иднина повторно да заминете во странство?
„Можеби. Не се знае никогаш.“
Зошто би заминале?
„Веројатно од финансиски причини. Сега за сега финансиските средства ми се доволни и тука, а за понатака не знам. Како ќе биде – не знам.“ – вели Асан.
Македонија демографски старее, што значи дека ќе има се повеќе работа за негуватели на стари лица и кај нас. Но, ќе има ли кој да ја работи?
by 360степени
Тема во „360 Степени“ на Алсат беа изборите за Европскиот парламент и нивното влијание врз амбицијата на земјава наскоро да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Дали поразот на Макрон во Франција дополнително ја комплицира ситуацијата за земјава? Како кон Северна Македонија ќе се постави Мицотакис, кој, се чини, наскоро ќе стане нов грчки премиер?
by 360степени
„Прекомотна Саботажа“, емитувана на 27 мај 2019 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
©2024 360 степени, Сите права се задржани