„Во контекст на европските интеграции гледате дека ВМРО-ДПМНЕ избегнува да зборува за европските интеграции. Претежно се крева една националистичка реторика. За жал тоа беше прифатено од ДУИ дури и иницирано, но граѓаните не можат да видат среќа од таа реторика, туку само набој кој ќе нѐ донесе во една тешка ситуација по изборите“, вели Маричиќ
СДСМ ги прифаќа како многу сериозна порака резултатите од изборите и ставот на граѓаните кон партијата, вели вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој е и секретар за меѓународна соработка на СДСМ.
Според Маричиќ, СДСМ и порано била пред слични предизвици, но секогаш наоѓала сила да се консолидира. На 8 мај, додава Маричиќ, СДСМ силно ќе се спротивстави на, како што вели, националистичкиот и популистички виор што ѝ се заканува на земјава.
„Свесни сме за сите разочарувања на граѓаните поврзани и со евроинтеграции и со тоа што во повеќе точки ЕУ не беше целосно праведна кон нас и во однос на однесувањето на нашиот најголем коалиционен партнер ДУИ, и тоа го имаме прифатено како забелешка и борбата против криминалот и корупцијата и се она што им пречи на граѓаните“,
вели Маричиќ.
Тој додава дека е јасно оти на 8 мај ќе треба да имаат силен СДСМ, како што вели тој, посилен од ова што го видовме во првиот круг, затоа што без тоа, додава Маричиќ, на Северна Македонија ѝ се заканува еден огромен националистички и популистички виор којшто не знаеме каде може да нѐ однесе.
„Имавме шанса 11 години да го почуствуваме тој виор, имавме шанса во овие седум години на оваа владина коалиција да направиме многу достигнувања, да направиме и многу грешки“,
рече Маричиќ.
СДСМ, како што истакна Маричиќ, не се бори за опстанок на власт и по секоја цена да ја формира следната влада, туку се бори за принципите и политиките во кои „веруваме и од кои нема отстапување – демократија, слобода, социјални политики, социјална правда“.
„Убеден сум дека ако продолжиме со искрената и отворена комуникација, ако ги лоцираме и политиките, но и луѓето кои со своето однесување ни нанесоа огромна политичка штета, и ако успееме, а јас сум сигурен дека ќе успееме да изнајдеме сила со тоа да се справиме, убеден сум дека на 8 мај ќе направиме резултат со којшто СДСМ ќе биде горд во овој контекст. Многу работа нѐ очекува и по 8 мај и како партија и како институции“,
рече Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со молдавската колешка Кристина Герасимов.
Тој посочи и на националистичката и популистичка реторика што ја има во кампањата.
„Во контекст на европските интеграции гледате дека ВМРО-ДПМНЕ избегнува да зборува за европските интеграции. Претежно се крева една националистичка реторика. За жал тоа беше прифатено од ДУИ дури и иницирано, но граѓаните не можат да видат среќа од таа реторика, туку само набој кој ќе нѐ донесе во една тешка ситуација по изборите“,
рече Маричиќ.
Тој е сигурен дека во остатокот од кампањата ќе успеат да допрат до секој граѓанин, член и поддржувач за да ги уверат, како што рече, колку е посилен СДСМ од овој прв круг, толку е подобро тоа за државата со јасно уверување дека ниту една од оние крупни грешки за кои сме политички санкционирани нема да ги повториме.
„Тоа не е едноставен процес, но на повеќето граѓани им е јасно дека СДСМ е политичката сила која може да ја продолжи приказната за европска Македонија, приказната дека одиме кон вистинскиот пат и дека треба да преговараме во наредните четири години со ЕУ, а не со Бугарија“,
вели Маричиќ.
На прашањето дали ова значи дека исклучува во иднина коалицирање со ДУИ, Маричиќ не одговори директно, но наведе дека нивната агенда не е националистичка, туку за европска Македонија, за уважување на сите граѓани во оваа држава.
„Делбите и тензиите бевме убедени дека се дел од минатото и сакаме да бидат дел од минатото“,
додаде Маричиќ.