Во објавата не се наведува дали Миланов поднел оставка или бил разрешен од функцијата, ниту, пак, се посочува на причините за промената на раководната позиција во АХВ
Промена на директорската позиција во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) – Оливер Миланов заминува од директорската функција, а на негово место доаѓа Јовица Андовски, доскорашен заменик-министер за здравство, соопштија од Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) преку објава на Фејсбук.

Во соопштението за промената на раководната позиција во АХВ, од партијата му се заблагодарија на Миланов за досегашното раководење со институцијата, оценувајќи го неговиот ангажман како успешен и високо оценет во партијата и во јавноста.
Оттаму посочуваат дека вложениот труд и посветеноста на Миланов претставуваат основа за негово идно извршување одговорни и високи функции на извршно ниво.
СПМ му упати честитки и на Андовски, кој досега беше долгогодишен заменик-министер за здравство. Од партијата велат дека неговата професионалност, посветеност и довербата што ја ужива кај партиското и државното раководство се препознаени со новото именување.
Во објавата не се наведува дали Миланов поднел оставка или бил разрешен од функцијата, ниту, пак, се посочува на причините за промената на раководната позиција во АХВ.
Андовски на 13 октомври објави дека поднесува оставка од фукцијата заменик-министер за здравство поради лични причини.
Тој беше предложен за заменик-министер во јули 2024 година. Од Владата тогаш рекоа дека тој е дипломиран економист, а истата функција ја извршувал и од 2011 до 2017 година.
