Министерот за внатрешни работи посочи дека намалувањето на бројот на загинати е значително подобрување, особено ако се има предвид дека и во годините со драстично намален сообраќај, како 2001 и 2021 година, бројот на жртви бил повисок
Сепак додаде дека целта е до 2030 година бројот на загинати во сообраќајни незгоди да се намали за 50 отсто во однос на 2024 година
Бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди во првите десет месеци од годинава е намален за 33 во споредба со истиот период лани. На македонските патишта животот го загубиле 84 лица, наспроти 117 во првите десет месеци од 2025 година, информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026–2030 година.

Тошковски посочи дека во изминатите 35 години на македонските патишта годишно во просек загинувале околу 150 лица, што, според него, ја потврдува потребата од системски пристап и континуирани активности за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
„Кога говориме од аспект на безбедност генерално, но кога говориме за безбедност во делот на сообраќајот, тука особено во изминативе 35 години, навистина не можеме да кажеме дека имаме добри резултати. Просекот на загубени човечки животи во последниве 35 години е некаде околу 150 годишно во Македонија“,
рече тој.
Според него, намалувањето на бројот на загинати е значително подобрување, особено ако се има предвид дека и во годините со драстично намален сообраќај, како 2001 и 2021 година, бројот на жртви бил повисок.
Министерот им се заблагодари на граѓаните за посовесното однесување во сообраќајот, посочувајќи дека тоа, заедно со активностите на институциите, превентивните кампањи и поддршката од компаниите и граѓанските организации, придонело за намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица.
„Тие се тие кои најмногу придонесоа да се намали бројот на жртви во Македонија. Тие одлучија да управуваат моторни возила и да бидат учесници во сообраќајот посовесно од претходно“,
кажа министерот.
Целта до 2030 година е бројот на загинати да се намали за 50 отсто
Говорејќи за новата Национална стратегија, Тошковски нагласи дека таа поставува цел до 2030 година бројот на загинати во сообраќајни незгоди да се намали за 50 отсто во однос на 2024 година.
Стратегијата се темели на принципот „Секој живот е важен“ и предвидува заедничко дејствување на институциите и општеството преку превенција, едукација, подобрување на сообраќајната култура и примена на современи технологии.
„Човекот секогаш може да згреши управувајќи моторно возило, но државата е таа што треба да стори сè за да го намали бројот на жртви и повредени во сообраќајот и максимално превентивно да дејствува во насока на подобрување на безбедноста“,
рече Тошковски.
Посочи дека напорите на земјава за унапредување на сообраќајната безбедност добиваат меѓународно признание.
Министерството за внатрешни работи е меѓу петте селектирани институции за потенцијална награда на Светскиот полициски самит во Дубаи, заедно со полициски служби од земји како Сингапур и Обединетите Арапски Емирати.
Според него, со заедничка одговорност, почитување на правилата и континуирана институционална посветеност, земјава ќе продолжи да ги подобрува резултатите и да се приближува кон крајната цел – што помалку сообраќајни незгоди и нула загубени човечки животи.
