„Тука се поставува прашањето на кое јавноста заслужува одговори, а тоа е како со административна плата се стигнува до инвеститор на станбена зграда? Од каде се парите за оваа инвестиција? Дали семејните приходи на Муслиу можат да ја оправдаат вредноста на ваков градежен проект? Дали зад оваа инвестиција стојат и други финансиски партнери?“, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски
Сопругата на поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање (АР), Еролд Муслиу, е инвеститор на зграда во изградба во скопската населба Влае, тврди владејачката ВМРО-ДПМНЕ и истовремено прашува дали семејните приходи можат да ја оправдаат вредноста на градежниот проект.

Портпаролот на владејачката партија, Валентин Манасиевски, во изјавата дадена пред објектот во изградба, го спомена и поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски, наведувајќи дека Муслиу е негов близок соработник.
„Тука се поставува прашањето на кое јавноста заслужува одговори, а тоа е како со административна плата се стигнува до инвеститор на станбена зграда? Од каде се парите за оваа инвестиција? Дали семејните приходи на Муслиу можат да ја оправдаат вредноста на ваков градежен проект? Дали зад оваа инвестиција стојат и други финансиски партнери?“,
наведе Манасиевски.
Посочувајќи дека Стево Пендаровски го назначи Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање (АР) во 2019 година, Манасиевски рече дека бараат одговор дали покрај политичката и институционална соработка, експретседателот на државата и ексдиректорот на АР имаат и заеднички деловни интереси.
Дополнително, портопаролот на ВМРО-ДПМНЕ праша и дали Пендаровски има каква било финансиска или деловна поврзаност со инвестицијата во Влае.
„Би сакал, исто така, да ја потсетам јавноста, дека во 2024 година токму Афродита Муслиу, сопругата на Еролд Муслиу, доби грант од 620 илјади евра, од тогашната влада на СДС, која склучила меморандум со Конзорциум на невладини организации, чиј основач е токму сопругата на Еролд Муслиу“,
рече Манасиевски.
Тој го прозва лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, наведувајќи дека додека тој ја нарекува ВМРО-ДПМНЕ организирана криминална група, групата криминалци е токму во СДСМ.
Според портпаролот на владејачката партија Муслиу и Пендаровски треба јасно да одговарат на прашањата дали се партнери во изградбата на конкретниот станбен објект и како со административна плата се гради зграда за која треба да се инвестираат милионски суми.
