Искуството од членството во НАТО и исполнувањето на високите сојузнички стандарди, како што додаде, треба да бидат пример и за доследна примена на Копенхашките критериуми во процесот на европска интеграција
Искуството од членството во НАТО и исполнувањето на високите сојузнички стандарди, како што додаде, треба да бидат пример и за доследна примена на Копенхашките критериуми во процесот на европска интеграција.
Потврда за посветеноста на Северна Македонија на НАТО и колективната одбрана. Единството на сојузниците и силната трансатлантска врска се клучни за заедничката безбедност. Ова го соопшти претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во рамки на нејзината работна посета на Брисел.

Како што соопштија од нејзниот кабинет, на состаникот со Руте, таа ја истакнала и определбата на државата за исполнување на целта за одбранбени издвојувања согласно Хашкиот план, посочувајќи дека континуирано се вложува во модернизацијата на Армијата, киберотпорноста, новите технологии и заштитата на критичната инфраструктура.
Зборувајќи за значењето на коридорите 8 и 10, претседателката истакнала дека тие не се само инфраструктурни проекти, туку и стратешки правци за поврзување на регионалната соработка со безбедносните интереси на НАТО и ЕУ, особено во однос на воената мобилност.
Го поздрави и сертифицирањето на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена, оценувајќи го тоа како потврда за професионалноста и способностите на Армијата за учество во операции предводени од НАТО, ЕУ и ОН.
Искуството од членството во НАТО и исполнувањето на високите сојузнички стандарди, како што додаде, треба да бидат пример и за доследна примена на Копенхашките критериуми во процесот на европска интеграција.
На средбата била реафирмирана и поддршката за Украина, како и потребата од продолжување на политичката, воената, финансиската и хуманитарната помош.
Според неа, сеопфатниот, праведен и траен мир треба да се темели врз меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации.

На фотографиите, објавени на офцијалната фејсбук-страница на Сиљановска-Давкова, може да се види дека на средбата со Руте присуствувала и поранешната министерка за одбрана и актуелна заменик-генерална секретарка на НАТО, Радмила Шеќеринска.
