„Некои од билатералните прашања сега се на европско ниво, станува збор за вклучување на малцинствата, и во тој поглед треба да се реализираат уставните измени. Но, повторувам, единствениот начин да се излезе од тој ќор-сокак е страните да разговараат меѓусебно, односно владите на Бугарија и на Северна Македонија да седнат и да разговараат. И бидејќи знаеме дека мотивацијата не е секогаш на највисоко ниво, Ве молам, комесарке, да вложите напори во оваа дипломатска насока“, рече Вајц во своето обраќање на состанокот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, на кој еврокомесарката Кос го презентира овогодишниот пакет за проширување на Европската Унија
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц, ја повика еврокосмерската за проширување Марта Кос да вложи дипломатски напори за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.

Вајц ова го кажа земајќи збор на денешниот состанок на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, откако еврокомесарката Кос го презентираше овогодишниот пакет за проширување на Европската Унија.
Претходно, во своето обраќање, се осврна на начинот на кој Хрватска, како земја членка на ЕУ, и Црна Гора, како земја кандидат, се справуваат со билатералните прашања.
„Сакам да им се заблагодарам на премиерот (Андреј) Пленковиќ и на премиерот (Милојко) Спајиќ што разговараат меѓусебно, што седнаа на иста маса и што наоѓаат решенија за билатералните прашања. Бидејќи билатералните прашања во никој случај не смее да го попречуваат напредокот во процесот на пристапување, а токму вака треба да се постапува“,
рече Вајц.
Според него, потенцира тој, ова е одличен пример за тоа како може да се пристапи кон билатeралните прашања што бараат дијалог и во други земји, како што е Северна Македонија.
Тој посочи дека единствениот начин да се излезе од ќор-сокакот во кој се наоѓаат односите меѓу Македонија и Бугарија е владите во Скопје и во Софија да седнат и да разговараат, но, како што додаде, мотивацијата за тоа не е секогаш на највисоко ниво. Во тој контекст, побара од Кос, Европската комисија да вложи напори во оваа насока.
„Некои од билатералните прашања сега се на европско ниво, станува збор за вклучување на малцинствата, и во тој поглед треба да се реализираат уставните измени. Но, повторувам, единствениот начин да се излезе од тој ќор-сокак е страните да разговараат меѓусебно, односно владите на Бугарија и на Северна Македонија да седнат и да разговараат. И бидејќи знаеме дека мотивацијата не е секогаш на највисоко ниво, Ве молам, комесарке, да вложите напори во оваа дипломатска насока“,
рече Вајц.
Претходно, еврокомесарката Марта Кос го претстави пакетот за проширување за 2026 година, во кој се содржани извештаите на Европската комисија за десет земји кандидати за членство во ЕУ.
Кос во три пасуси се осврна на заклучоците за Македонија наведувајќи дека земјава покажала посветеност на реформите за ЕУ и на Реформската агендам, но оти сега треба да ја покаже истата одлучност за да се придвижи напред на евроинтеграцискиот пат. Условите, рече таа, се јасни, односно, Северна Македонија треба да ја исполни својата обврска за уставни измени, како што е наведено во заклучоците на Советот на Европа од јули 2022 година.
Таа порача дека сега сè зависи од Северна Македонија, посочувајќи претходно дека Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија и дека целта е првиот кластер од пристапните преговори да биде отворен штом ќе бидат исполнети условите, односно штом ќе бидат направени уставните измени.
Еврокомесраката за проширување ги престави и новините во однос на процесот на проширување. Како што наведе, Европската комисија ќе претстави сет од индикативни патокази за четирите земји кандидатки кои имаат најголем напредок на патот за членство во Европската Унија во текот на изминатата година, потоа нов модел на постепена интеграција и нов фокус на прашања кои се однесуваат на европската безбедност.

Што се однесува до главните заклучоци за напредокот на земјите кандидатки во изминатата година, Црна Гора, како што кажа Кос, е на еден чекор да стане 28. земја членка на на Европската Унија. Според еврокомесарката веќе се работи на договорот за пристапување и тоа е наведено во патоказот за земјата и доколку сè оди како што треба, Црна Гора треба да стане полноправна членка во јуни 2028 година.
Претседателката државата Гордана Сиљановска-Давкова вчера во интервју за „Тема на денот“ во централниот Дневник на телевизија Сител, рече оти смета дека Европската Унија треба да покаже политичка волја и да понуди решенија за деблокирање на евроинтегративниот процес на земјава, наместо постојано да се инсистира на исполнување на барањето за уставни измени.
Во тој контекст, таа кажа дека постојат различни можности за надминување на блокадата, меѓу кои и предлогот за одложено дејство, но и можноста Европскиот совет и Советот на Европа, во консултации со Европската комисија, да подготват објаснувачки одредби за принципите и обврските на Унијата.
„После толку уставни промени, уште еднаш сега да се вели дека тоа е клучното решение и да се бара нашата политичка волја, мислам дека е проблематично. Значи ние бараме решенија од страна на Европската Унија, а такви се разбира има. Покрај она што го предложивме со одложено дејство, се разбира дека сакаме да знаеме под кои услови ќе продолжат нештата понатаму“,
изјави Сиљановска-Давкова од Брисел.
