„Ние секогаш сме биле подготвени да преговараме и, се разбира, уште еднаш тврдам, може да најдете решение за рационални прашања и тогаш да мерите што губите, а што добивате. Но, после толку уставни промени, уште еднаш сега да се вели дека тоа е клучното решение и да се бара нашата политичка волја, мислам дека е проблематично. Значи ние бараме решенија од страна на Европската Унија, а такви се разбира има. Покрај она што го предложивме со одложено дејство, се разбира дека сакаме да знаеме под кои услови ќе продолжат нештата понатаму“, изјави претседателката на државата во „Тема на денот“ во централниот „Дневник“ на телевизија Сител
Во однос на претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, кој треба да биде објавен утре, Сиљановска-Давкова рече дека сè уште не го видела документот, но дека констатациите, дијагнозите и препораките ќе бидат важни за утврдување на постигнатото и областите во кои се потребни дополнителни активности
Претседателката државата Гордана Сиљановска-Давкова смета дека Европската Унија треба да покаже политичка волја и да понуди решенија за деблокирање на евроинтегративниот процес на земјава, наместо постојано да се инсистира на исполнување на барањето за уставни измени.

Во интервју за „Тема на денот“ во централниот „Дневник“ на телевизија Сител телевизија, претседателката изјави дека земјава заслужува да биде меѓу предводниците во процесот на проширување и ја нагласи силната определба на државата за европскиот пат, но, како што рече, по повеќекратните уставни промени и постојаните барања Македонија да покаже политичка волја, потребно е и од Европската Унија да покаже подготвеност за изнаоѓање решение со Бугарија.
„Кога сака Европската Унија, може да биде многу креативна, да манифестира толкава политичка волја, и ако нè охрабрува во реформите, тогаш исто така треба да не охрабри и во наоѓањето на решение со нашиот сосед“,
кажа таа.
Македонија се наоѓа во парадоксална ситуација, вели претседателката
Според неа, земјава се наоѓа во парадоксална ситуација бидејќи, вели, додека Бугарија нè предупредува дека спорот е европско прашање, од Европската Унија ни велат дека треба да преговараме.
Вели дека постојат различни можности за надминување на блокадата, меѓу кои и предлогот за одложено дејство, но и можноста Европскиот совет и Советот на Европа, во консултации со Европската комисија, да подготват објаснувачки одредби за принципите и обврските на Унијата.
„Ние секогаш сме биле подготвени да преговараме и се разбира, уште еднаш тврдам, може да најдете решение за рационални прашања и да мерите тогаш што губите, а што добивате. Но, после толку уставни промени, уште еднаш сега да се вели дека тоа е клучното решение и да се бара нашата политичка волја, мислам дека е проблематично. Значи ние бараме решенија од страна на Европската Унија, а такви се разбира има. Покрај она што го предложивме со одложено дејство, се разбира дека сакаме да знаеме под кои услови ќе продолжат нештата понатаму. Можно е и Европскиот совет и Советот на Европа во консултациите со Европската комисија да креираат објаснувачки одредби со коишто ќе дадат одговор на прашањата што се најважни за Европската Унија. ЕУ е сè уште посебна заради филозофијата, а филозофијата е во принципите и во вредностите“,
вели Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека овој момент е подеднакво важен не само за нас и за регионот, туку и за Европската Унија бидејќи, како што наведува, на сите им е јасно дека не постои празен политички простор. Вели дека секогаш постои некој што ќе се обиде да го пополни, но забележува дека тука Македонија можеби има еден, како што вели, посебен имунитет, затоа што земјава има целосно усогласена надворешна и безбедносна политика со Европската Унија и затоа што сме земја членка на НАТО.
Но, смета дека она што им се овозможува на Молдавија и на Украина би можело да се примени и кај нас. Во тој контекст таа посочи оти е важно реформите да продолжат паралелно со политичките напори за надминување на билатералниот спор, а не земјава да ја губи енергијата во прашања што тешко може самостојно да ги реши.
На прашањето дали има решенија што ќе ги побара од Европската Унија за придвижување на евроинтегративниот процес на Македонија за да немаме чувство дека стоиме во место, Сиљановска-Давкова повтори дека веќе кажала дека има начин, упатувајќи на правните служби на Европската Унија.
„Со правните служби на Европската Унија да се дефинира што значи што, за да знаеме ние која ни е приказната, во што влегуваме и со какви очекувања“,
кажа таа.
Не сум чула некој да реши идентитетски прашања
Во однос на претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, кој треба да биде објавен утре, Сиљановска-Давкова рече дека сè уште не го видела документот, но дека констатациите, дијагнозите и препораките ќе бидат важни за утврдување на постигнатото и областите во кои се потребни дополнителни активности.
„Се разбира дека имаме проблеми и јас не се плашам од тие проблеми кога се нотирани, бидејќи кога имате проблем вие се соочувате со него и го решавате. Не мислам дека сме неспособни во решавањето на проблемите. Инаку, не сум го видела извештајот, но уште денеска мислам дека ќе го прочитам. Се разбира дека констатациите, дијагнозите и препораките од извештајот се многу важни. Затоа јас велам, ајде во европеизацијата да се концентрираме на тоа што обезбедува нормална демократија, нешто што обезбедува владеење на правото, задоволни граѓани, економија итн. Но, ние многу тешко можеме истовремено да се концентрираме и на рационалните реформи од коишто ни зависи животот и на прашања што тешко кој би можел да ги реши, оти јас не сум чула некој идентитетски прашања да реши“,
рече претседателката на државата во интервјуто.

Осврнувајќи се на случајот со Црна Гора и прашањата што таа треба да ги реши со Хрватска во процесот на пристапување кон ЕУ, Сиљановска-Давкова направи разлика во пристапот кон решавањето на билатералните спорови. Го поздрави ставот на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ дека постои простор за решавање на отворените прашања до 2028 година, оценувајќи дека за преговори се потребни две страни и подготвеност за дијалог.
„Самото тоа што господинот Пленковиќ вели дека до 2028 година проблемот ќе се реши, отвора простор за решение. Сите знаеме дека тоа е вистинскиот пристап. Имаме забелешки, меѓутоа заедно ќе ги решиме. Во однос на нас, не сум слушнала такво поттикнување или такво охрабрување… Логично е, 13 години по влегувањето на Хрватска во Европската Унија, да видиме дека вратите за Балканот се отвораат. Во таа смисла, се разбира дека и јас се радувам на напредокот на Црна Гора“,
рече Сиљановска-Давкова.
Сиљановска-Давкова најавува дека ќе иницира средба со Јотова
Во врска со можноста за продолжување на разговорите со новоизбраната бугарска претседателка Илијана Јотова, таа најави дека ќе иницира средба и разговори за отворените прашања. Посочи дека и досега се обидувала да воспостави дијалог со добри намери, но дека проблемот е во тоа што Македонија од европските институции се упатува на разговори со соседот, додека од бугарска страна се испраќаат пораки дека прашањето треба да се решава со сите земји членки на Унијата.
Сиљановска-Давкова се осврна и на Акцискиот план за малцинствата, кој, како што рече, е изработен со експерти на Советот на Европа и бил испратен на увид до соседна Бугарија. Претседателката на државата оцени дека земјава нема суштински проблем со Европската Унија, туку со соседот, иако во преговарачката рамка е вклучен услов што, според неа, не би требало да биде дел од неа.
„Акцискиот план за малцинствата е редок феномен да го работите со експерти на Советот на Европа, уште поредок феномен е да го испратите, наместо директно до Европската комисија, кај соседот на увид. Сите држави се задоволни од Акцискиот план за малцинствата, повторно само Бугарија не е. Не знам дали тоа е во духот на она што ЕУ го бара. Значи, ние немаме проблем со ЕУ во суштина, иако во преговарачката рамка е вклучен услов што никогаш не би смеел да се најде таму. Но, еве, влегол. Имаме проблем со нашиот сосед“,
оцени Сиљановска-Давкова.
За смената на власта во Србија
Во интервјуто беа отворени и политичките случувања во регионот, особено протестите во Албанија и промената на власта во Србија. Во однос на Србија, претседателката рече дека е рано за конечна оцена за идната надворешнополитичка ориентација на земјата, но дека станува збор за нов политички феномен, имајќи ја предвид појавата на студентски листи и политичките движења што не се засноваат на јасно препознатлива идеологија.
Таа посочи дека во современата политика сè повеќе се забележува деидеологизација на партиите и дека за идните политички процеси клучни треба да бидат принципите на владеење на правото, поделбата на власта, независното судство и медиумите, силното граѓанско општество, економскиот просперитет и одговорноста на политичарите.
Според Сиљановска-Давкова, ЕУ истовремено треба да се приспособува на новите геополитички предизвици и да го забрза процесот на проширување. Таа ја пренесе пораката на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта дека проширувањето е геостратегиска инвестиција и нагласи дека земјите кандидати треба да напредуваат во процесот на европеизација, додека Унијата треба да најде начини за нивно постепено интегрирање и зајакнување на заедничката отпорност.
