Реакцијата и извинувањето на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, што тој ја објави вечерва на социјалната платформа Икс, доаѓа по негов став искажан во вчерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма
Осврнувајќи се на случувањата со Алта банка АД Битола, гувернерот смета дека прес-конференциите на опозицискиот СДСМ придонеле за, како што вели недоверба и дополнителен притисок, а во контекст на воведеното ограничување за физичките лица комитенти на банката кои, согласно мерките што ги воведе Народната банка имаат определен неделен лимит од 10 000 денари за готовински подигања и плаќања со картички издадени од банката кај трговци
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, преку објава на социјалните мрежи вели дека кога во вчерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма рекол дека „медиумите ја урнаа Алта банка“, не мислел на македонските медиуми.

Во објавата на неговиот профил на социјалната платформа Икс, гувернерот наведува дека ставот што го изнел околу една од можните причини за брзото пропаѓање на Алта банка Белград, притоа споменувајќи дека „медиумите ја урнаа банката…“, мислел на мноштвото шпеклулации и непроверени инфомации кои циркулираа во медиумскиот простор во Србија неколку дена пред одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на банката.
„До мене допираат информации дека наводно сум вперил прст кон домашните медиуми. Сакам да појаснам дека во тој дел од емисијата зборував за случувањата поврзани со Алта банка во Србија и за објавите во тамошните медиуми во врска со одливот на средства од банката. Во ниту еден момент не мислев на Алта банка АД Битола, ниту, пак, сакав да ја доведам во прашање професионалноста на македонските медиуми. Тоа беше смислата на мојот одговор“,
пишува гувернерот.
Во тој контекст, гувернерот на Народната банка, вели дека особено тешко му паѓа доколку неговата изјава била разбрана поинаку од новинарите и припадниците на новинарската фела, чија работа, како што додава, исклучително ја почитува и чии текстови редовно ги чита. Во таа насока тој им се извини на новинарите во земјава.
„Доколку со мојата формулација, макар и ненамерно, сум навредил некого од новинарската фела, искрено се извинувам. Тоа во никој случај не беше мојата намера“,
вели Славески.
Осврнувајќи се на случувањата со Алта банка АД Битола, тој упатува критики до опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ). Гувернерот смета дека прес-конференциите на партијата придонеле за, како што вели недоверба и дополнителен притисок, а во контекст на воведеното ограничување за физичките лица комитенти на банката кои, согласно мерките што ги воведе Народната банка имаат определен неделен лимит од 10 000 денари за готовински подигања и плаќања со картички издадени од банката кај трговци.
„Во однос на случувањата кај нас, сметам дека прес-конференциите на СДСМ придонесоа за создавање недоверба и дополнителен притисок, во контекст на кој беше воведена и заштитната мерка за ограничување на исплатите на 10 000 денари неделно“,
наведува гувернерот на Народната банка.
Во еден момент во мојот настап во емисијата „Топ тема“ на Телма во минатиот понеделник изнесов став околу една од можните причини за брзото пропаѓање на Алта банка од Белград. Спомнав дека „Медиумите ја урнаа банката …“, мислејќи на мноштвото шпекулации и непроверени информации кои циркулираа во медиумскиот простор во Србија неколку дена пред одлуката на НБС за одземање на дозволата за работа на банката. До мене допираат информации дека наводно сум вперил прст кон домашните медиуми. Сакам да појаснам дека во тој дел од емисијата зборував за случувањата поврзани со „Алта банка“ во Србија и за објавите во тамошните медиуми во врска со одливот на средства од банката. Во ниту еден момент не мислев на „Алта банка“ АД Битола, ниту, пак, сакав да ја доведам во прашање професионалноста на македонските медиуми. Тоа беше смислата на мојот одговор. Во однос на случувањата кај нас, сметам дека прес-конференциите на СДСМ придонесоа за создавање недоверба и дополнителен притисок, во контекст на кој беше воведена и заштитната мерка за ограничување на исплатите на 10.000 денари неделно. Особено ми паѓа тешко доколку мојата изјава е разбрана поинаку од новинари и припадници на новинарската фела чија работа исклучително ја почитувам и чии текстови редовно ги читам. Доколку со мојата формулација, макар и ненамерно, сум навредил некого од новинарската фела, искрено се извинувам. Тоа во никој случај не беше мојата намера.
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) November 3, 2026
Инаку, во синоќешното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма на забелешка на новинарката дека многу работи што ги пишувале медиумите во Белград околу Алта Банка АД Белград и нејзиниот сопственик Давор Мацура на крајот се покажаа како точни, Славески вели:
„Не се покажаа како точни, еве сега пишуваа медиумите и тие ја урнаа банката, тие ја урнаа Алта банка. Без тие шпекулации дека се изнесуваат пари во Македонија, ако сакате…“
На дополнително прашање дали со тоа сака да каже дека медиумите се виновни за уривањето на Алта банка, Славески говори за карактерот на банките, кои, како што наведува, се кршливи институции кои работата врз основа на доверба.
„Видете кога се создава недоверба, банките ние знаеме, банките се кршливи институции, тие се кревки институции, работат на доверба…“, рече Славески во интервјуто.
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, вчера на прес-конференција ги повика премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, да одговорат на низа прашања поврзани со работењето на Алта банка и нејзиното влегување на македонскиот банкарски пазар.
Филипче рече дека доколку премиерот и гувернерот не одговорат, партијата што ја предводи ќе бара Обвинителството да ги истражи сите прашања поврзани со влегувањето на Алта банка во земјава. Тој додаде дека пратеничката група на СДСМ и на коалицијата ќе поднесе интерпелација за гувернерот Трајко Славески.
