Според информациите, во рамките на координираните активности, во различни земји уапсени се седум осомничени лица. Дополнително, извршени се претреси на 17 локации и запленети се повеќе од 100 сервери, како и други електронски докази и средства поврзани со криминалните активности, чија штета се проценува на над четири милиони евра и измамени лица во најмалку 50 држави
Истрагата во која била откриена меѓународната измамничка шема, според Европравда, започнала во 2022 година, по пријава од германска двојка која ги вложила своите заштеди преку онлајн платформа, но потоа не можел да ја повлече заработката
Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК), преку Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност (БЈБ), учествувало во меѓународна координирана операција насочена кон разбивање на транснационална криминална мрежа што вршела инвестициски измами преку интернет.

Операцијата, како што информираа попладнево од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, била спроведена со поддршка и координација на Европол и Европравда (Eurojust), а во неа учествувале надлежни органи од Германија, Кипар, Финска, Албанија, Израел, Косово и Македонија.
Според информациите, во рамките на координираните активности, во различни земји уапсени се седум осомничени лица. Дополнително, извршени се претреси на 17 локации и запленети се повеќе од 100 сервери, како и други електронски докази и средства поврзани со криминалните активности.
Досегашните сознанија од операцијата велат дека финансиската штета од измамите надминува четири милиони евра, а потенцијални жртви се идентификувани во најмалку 50 држави.
Како почнала истрагата
Детали за акцијата се споделени во соопштение објавено на веб-страницата на Европравда.
Според информациите, истрагата во која била откриена меѓународната измамничка шема започнала во 2022 година, по пријава од германски пар која ги вложил своите заштеди преку онлајн платформа, но потоа не можел да ја повлече заработката.
Измамниците, како што се наведува, ветувале огромна заработка за краток временски период преку тргување со криптовалути, странски валути и акции.
„Откако жртвите ќе уплателе мала сума пари, им била прикажувана голема заработка, со што платформата изгледала легитимно“,
се вели во соопштението на Европравда.
Но, тука не престанувале активностите на лажните брокери. Тие продолжувале да вршат психолошки притисок врз жртвите да вложуваат дополнителни големи суми пари, а кога нивните, условно кажано, клиенти, барале да ја повлечат заработката, измамниците користеле разни тактики за одложување на исплатите.

На крајот, на сторителите им се изгубил трагот, а жртвите сфатиле биле измамени и дека останале без своите влогови.
По четиригодишна истрага, во првата акција, спроведена на почетокот на септември, бил зададен првиот удар на измамничката шема. Оваа акција резултирала со две апсења и заплена на голем број докази.
„По анализата на овие докази, истражителите идентификуваа уште седум осомничени, вклучително и менаџери на кол-центри кои се користеле за убедување на жртвите да вложат повеќе пари. Надлежните органи организираа уште една меѓународна акција, при што беа уапсени дополнителни осомничени, а беа запленети докази и парични средства“,
се наведува во соопштението.
Компанија со седиште во Кипар и Израел со клиенти во Албанија, Косово и Македонија
Имено, според Европравда, доказите собрани за време на втората акција довеле до денешната операција.
Анализата на доказите открила дека компанија со седиште во Кипар и Израел, која снабдувала разни криминални групи со лажни веб-страници што се користеле за извршување на онлајн измамите.
Надлежните органи, исто така, идентификувале осомничени клиенти на компанијата во Албанија, Косово и Северна Македонија, за кои постојат сомневања дека управувале со измамнички кол-центри. Акцијата, како што наведуваат од Европравда, била насочена кон овие осомничени и откривање на серверите што се користеле за криминалните активности.
„Надлежните органи извршија претреси на 17 локации, вклучително и еден кол-центар на Косово. Запленети се повеќе од 100 сервери, заедно со други докази и имот. Седум осомничени се уапсени заради предавање или екстрадиција во Германија“,
се наведува во соопштението од Европравда.

Улогата на Европравда и Европол
Оттаму посочуваат дека меѓународната соработка била клучна за разбивање на измамничката шема, а Европравда и Европол биле вклучени во операцијата од самиот почеток.
Европравда ја поддржала акцијата преку овозможување реализација на неколку европски истражни налози за апсење и замрзнување имот. Ова им овозможило на надлежните органи во неколку различни земји да соработуваат во текот на истрагата – да разменуваат информации, да утврдуваат стратегии и да планираат заеднички акции.
Така, во Европравда биле формирани два заеднички истражни тима – еден во кој учествувале германските, полските и албанските власти и друг во кој учествувале албанските и властите на Косово.
„Проектот за кривична правда на Западен Балкан ги поддржа албанските и косовските власти. За време на денешната акцијата, Агенцијата ги координираше сите судски дејствија од своето седиште во Хаг. Европол спроведе обемна анализа, ги спореди податоците со базите на податоци на Европол и ги собра националните истражители за да подготват заедничка акција. На денот на акцијата Европол ги распореди своите експерти во Албанија и Косово за да ја поддржат дигиталната форензичка работа и да извршат непосредни проверки на базите на податоци на Европол“,
се наведува во соопштението.
